Владата не размислува за зголемување на цената на електричната енергија, туку бара начин да се намали таа или барем да се зголеми периодот во кој граѓаните ќе користат евтина тарифа. Ова го изјави премиерот Христијан Мицкоски, нагласувајќи дека и покрај енергетските предизвици во Европа, Македонија засега има стабилен електроенергетски систем и доволно резерви.
Мицкоски рече дека Владата од почетокот на годинава се соочила со три големи предизвици: војната на Блискиот Исток, сушата што ја погоди Европа и капиталните инвестиции во енергетиката.
Тој оцени дека, за разлика од многу европски земји, Македонија навреме презела мерки и обезбедила доволни резерви на електрична енергија.
– Нашите акумулации во овој момент се околу 70 проценти и имаме речиси 500 гигават-часови акумулирана електрична енергија. Тоа е сосема доволно за да се чувствуваме безбедно и за да немаме предизвик во снабдувањето со електрична енергија на граѓаните и на индустријата – изјави Мицкоски.
Тој предупреди дека сушата и рекордно нискиот водостој на Дунав создаваат сериозен притисок врз европскиот енергетски систем, бидејќи дел од нуклеарните и хидроцентралите работат со намален капацитет, што директно влијае врз берзанските цени на електричната енергија.
– Ние не размислуваме за зголемување на цената на електричната енергија. Напротив, правиме план да најдеме формула како да ја намалиме или барем да ја прошириме евтината тарифа. За разлика од голем дел од европските земји, кои веќе најавуваат поскапување на струјата, нашата цел е да ги заштитиме граѓаните – истакна премиерот.
Во меѓувреме, Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) сè уште ги анализира можните измени на тарифниот систем и засега не открива дали ќе има повеќе часови евтина струја, промени на тарифните блокови или намалување на дел од регулираните давачки за пренос и дистрибуција.
Претседателот на РКЕ, Ацо Ристов, вели дека Комисијата е во фаза на симулации и прибирање податоци, а сите енергетски компании имаат рок до 30 септември да ги достават своите барања.
– Правиме симулации и анализи и собираме податоци и од околните држави и од домашниот систем. Дури потоа ќе следуваат интензивни анализи и ќе се носат одлуки. Во овој момент е прерано да се каже дали ќе има промени во тарифните блокови или во евтината тарифа – изјави Ристов.
Тој посочи дека новите цени на електричната енергија ќе важат од 1 јануари, а конечната одлука ќе биде донесена во декември. Освен цената на струјата, ќе се утврдуваат и регулираните цени за пренос и дистрибуција, при што не се исклучува можноста дел од нив да бидат намалени.
Во меѓувреме, Здружението на инженери на Македонија смета дека веќе постојат доволно аргументи за итно воведување нов тарифен систем, кој ќе биде усогласен со движењата на европските берзи на електрична енергија.
Според нивниот предлог, во летниот период домаќинствата би користеле 115 часа евтина струја неделно – во работните денови од 23:00 до 7:00 часот и од 9:00 до 18:00 часот, а во текот на викендите од 22:00 до 19:00 часот. Дополнително, предлагаат во одредени часови во текот на викендите да се воведе уште пониска цена на електричната енергија.
Инженерите потсетуваат дека е пробиен законскиот рок за донесување на новиот тарифен систем за четири месеци и сметаат дека нема причина повеќе да се одложува неговото усвојување, особено ако и самата РКЕ признава дека во одредени часови од денот има ниски берзански цени и вишоци на електрична енергија.
Додека Владата најавува дека бара решение за поевтина струја или проширување на евтината тарифа, конечната одлука ќе зависи од анализите на Регулаторната комисија, кои треба да завршат до крајот на годинава.
(А.С.)












