| Во 52 села, и натаму нема матичен лекар |
Иако линијата „Ало докторе“ веќе три години не функционира, голем дел од граѓаните не го знаат тоа и сè уште вртат на телефонскиот број кој, според ѕвонењето, и натаму е активен. Загрижени родители упорно вртеле на телефонот, но не добиле доктор, откако нивното 4-годишно дете голтнало капсула за слабеење. „Беше доцна, околу 22 часот и ни требаше лекарски совет што може да му се случи. Да не губиме време трчајќи по клиники, се сетивме на линијата, но никој не се јави“, вели родителот, кој потоа се јавил кај матичниот педијатар кој, за среќа, им кренал телефон и им дал совет – детето да испие повеќе вода.
Изминатите месеци, сè повеќе граѓани реагираа до редакцијата на весникот ВЕЧЕР дека иако по неколку пати вртеле за лекарски совет на (02) 151 23, никој не им се јавувал, па биле присилени да бараат консултација на телефонот на Брза помош, од каде што, пак, им потврдиле дека „Ало, докторе” не функционира.
„Зошто ја укинаа линијата, ни беше од корист, не можеме за сè да трчаме и да чекаме во амбуланта“, вели нашиот соговорник.
Од Министерството за здравство велат дека линијата не работи од 2023 година и оти се разгледуваат можностите и потребите на здравствениот систем, како и интересот на граѓаните за ваков тип услуга во јавното здравство.
Телефонот на „Ало, докторе“ беше наменет за полесни случаи, за да не се оптоварува секојдневната работа на Брзата помош со разговори од типот „само да прашам“. Во проектот беа вклучени и доктори специјалисти, а имаше и пензионирани доктори и директори. Токму тука, претседателката на матични доктори, Лилија Чолакова-Дервишова, ја гледа слабоста на проектот, во ангажманот на врвни специјалисти за консултативни разговори. Таа смета дека на граѓаните, како никогаш досега, матичните лекари им се ставаат на располагање, од совет до толкување на резултати, 1400 матични лекари во земјава им се посветени на своите пациенти.
„Нема матичен доктор што не враќа на порака, и не крева телефон кога е во можност, нашата достапност го обезбедува социјалниот мир. Бараме од нашите пациенти да имаат разбирање кога сме на работното место, односно во часовите кога прегледуваме во ординација, не можеме секогаш да им се посветиме на нивните прашања, но генерално, достапноста на лекарите од примарното здравство е за почит“, вели Чолакова за весникот ВЕЧЕР.
Линијата „Ало, докторе” беше отворена во септември 2014 година, и до пред три години функционираше 24 часа во објектот каде што се наоѓа скопската Брза помош. Во изминатите повеќе од 8 години, на 151 23 се јавиле стотици илјади граѓани од цела Македонија. Повеќето од нив барале совет во ноќните часови, најчесто поради кардиоваскуларни и респираторни симптоми, настинка, кашлица или покачена температура. Во повикувачкиот центар беа ангажирани 20-ина искусни лекари, а целта на оваа програма беше да се растовари Службата 194 и граѓаните кои немаат итна потреба од лекарска интервенција да можат за медицинска консултација да се јават на „Ало, докторе”, а со тоа да отстапат простор на оние што се во животозагрозувачка состојба. (П. А.)
Во 52 села, и натаму нема матичен лекар
Според податоците од Фондот за здравство, во 52 рурални места нема матичен лекар. Од здружението на матични лекари велат дека се неопходни мерки кои треба да ги охрабрат младите доктори да почнат да работат во руралните подрачја, а една од тие мерки е и сигурниот модел на начинот на плаќање. „Во селата се враќаат да живеат пензионери, а младите луѓе сакаат да отворат фарми, мора да се размислува на начините на плаќање, особено е потребно селата да имаат и стоматолог“, вели претседателката Чолакова. Неодамна, директорот на ФЗО, Сашо Клековски, рече дека демографската, возрасната структура на матичните лекари е исклучително лоша и за 10 до 15 години ќе имаме сериозна криза во покриеноста. За руралните подрачја има посебно плаќање кое е независно од бројот на осигуреници. Од Фондот појаснија дека една од можностите е да ги зголемат дотациите независно, бидејќи главниот проблем на руралните подрачја е малиот број осигуреници што значи ниска капитација, ниски примања.












