Во насока на зголемување на безбедноста и континуираната грижа за најмладите и за највозрасните лица во Општина Битола, со консултација со Дирекцијата за заштита и спасување, извршен е увид во детските градинки и во старечките домови, кои се под општинска надлежност.

Од Општината велат дека, по увидот во старечкиот дом „Сју Рајдер“, донесен е заклучок дека се исполнети сите безбедносни мерки во однос на Законот за заштита и спасување и на Правилникот за мерките за заштита од пожар и експлозии.

Што се однесува, пак, до детските градинки, по извршениот увид во одредени клонови од двете јавни установи – детски градинки, е утврдено дека е потребно да се изврши дислокација на занималните со јасли, во рамките на објектите.

– Промената на занималните со јасли следува по издадените насоки да се овозможи побрза и поефикасна интервенција и безбедна евакуација во случај на опасност, согласно со Законот за заштита и спасување и со Правилникот за мерките за заштита од пожар и експлозии. Управата на градинките ги извести родителите и, со заедничка соработка, веднаш е постапено во однос на препораките и е извршена дислокација на занималните наменети за јасли – велат од Општина Битола.

Општините спроведуваат контроли на сите градинки и училишта на своја територија, по пожарот во кочанската дискотека „Пулс“, на 16 март година, во кој загинаа 62 лица, меѓу кои и шест деца, а речиси 200 беа повредени, од кои 25 деца. Проширениот инспекциски надзор опфати проверка на влезовите, ПП-апаратите, потребната документација итн. Генералниот заклучок е дека се безбедни сите.

 

ИЗДВОЕНИ