Европскиот парламент ќе отвори канцеларија во Канада, потврди во понеделникот претседателката на Парламентот, Роберта Мецола. Веста беше објавена само два дена пред канадскиот премиер Марк Карни да присуствува на обраќањето за состојбата на Унијата во Стразбур во среда и да им се обрати на пратениците во Европскиот парламент следниот ден, пренесува „Политико“.
Посетата на Карни на Европа се одвива во време на трговски спор меѓу Отава и Вашингтон и има за цел да ги зајакне врските со европските партнери. Откако раководството на Парламентот ја поддржа иницијативата, Мецола на социјалните мрежи изјави дека новата канцеларија ќе овозможи „посилно присуство“ и ќе ја олесни трансатлантската парламентарна соработка, вклучително и активности што се протегаат до Арктикот.
„Европа и Канада: стари пријатели кои продолжуваат заедно да испишуваат нови поглавја“, заклучи Мецола.
Новата канцеларија ќе функционира како канцеларија за врски во рамките на постоечката Делегација на Европската Унија во Канада, со која управува Европската служба за надворешни работи.
Од Парламентот соопштија дека канцеларијата ќе служи и како „важна платформа за парламентарен ангажман“ околу прашања од растечко стратешко значење и за ЕУ и за Канада.
Европскиот парламент има канцеларија во Украина од септември 2025 година, а слични канцеларии постојат и во други земји надвор од Унијата, вклучително и во Етиопија – каде што се управува со односите со Африканската унија – како и во Молдавија, Обединетото Кралство, Индонезија, САД и Панама.












