Откако веќе четири пати ја освои титулата за најдобар Божиќен базар во Европа, овој настан повторно го зазеде првото место во изборот на порталот European Best Destinations, кој го прогласи за најубав божиќен пазар во Европа за 2026 година, пренесува Index.hr.
Оваа година, Божиќниот базар кај Базиликата „Свети Стефан“ ја одбележува својата 15-годишнина. Ова признание доаѓа од European Best Destinations, организација која стави 40 европски божиќни пазари во потесниот избор за титулата најубав во Европа.
Финалистите беа избрани од независни новинари кои соработуваат со водечки медиуми, додека конечниот пласман беше одреден преку гласовите на 11.648 патници од Европа и од целиот свет. Базарот во Будимпешта го зазеде првото место, пред други познати Божиќни дестинации, како што се Виена, Прага и Стразбур.
Божиќниот базар кај Базиликата претходно ја има освоено титулата за најдобар божиќен пазар во Европа четири пати: во 2019, 2021, 2023 и 2024 година.
Главниот пазар се наоѓа на плоштадот „Свети Стефан“ (*Szent István tér*), пред Базиликата „Свети Стефан“, во центарот на Будимпешта. Влезот е бесплатен. Вториот голем божиќен базар се одржува на плоштадот „Верешмарти“ (*Vörösmarty tér*), кој е оддалечен околу десет минути пешачење од Базиликата. Тој исто така се отвора на 13 ноември и ќе трае до 31 декември, продолжувајќи сè до раните утрински часови на Нова година. Штандовите со ракотворби и детското возче ќе бидат достапни до 28 декември.
Оваа година, плоштадот пред Базиликата ќе угости речиси сто излагачи, вклучувајќи занаетчии специјализирани за керамика, накит и производи од кожа. Покрај овие производи, посетителите можат да уживаат во традиционални унгарски јадења, варено вино и други празнични специјалитети. На плоштадот ќе бидат поставени елка, јасли (сцена на раѓањето Христово) и голем адвентски венец. Секој ден во 17:30 часот, на фасадата на базиликата ќе се прикажуваат светлосни проекции, а во одредени денови, пред нив ќе се одржуваат концерти со почеток во 17:00 часот.
Свеќите на големиот адвентски венец пред базиликата ќе се палат секоја недела за време на адвентскиот период – поточно на 29 ноември, како и на 6, 13 и 20 декември.
Од понеделник до четврток, како и во неделите, базарот ќе биде отворен од 11:00 до 22:00 часот, додека во петок и сабота ќе работи од 11:00 до 23:00 часот.
За време на празниците, работното време ќе биде поинакво. На Бадник, 24 декември, пазарот ќе биде отворен од 11:00 до 15:00 часот, а на 25 и 26 декември – од 11:00 до 20:00 часот.
За дочекот на Новата година, пазарот ќе биде отворен од 11:00 до 03:00 часот, додека на 1 јануари ќе работи од 11:00 до 18:00 часот.












