Од полноќ бензините ќе поскапат за еден денар, додека дизелот ќе поевтини за 4,5 денари и ќе се израмни на 100 денари за литар. Намалената стапка на ДДВ за дизелот од 10 % ќе важи до 12 октомври. Во исто време, цената на суровата нафта на светските пазари повторно надмина 100 долари за барел. Аналитичарите внимателно ги следат случувањата на Блискиот Исток и состојбата со транспортот низ Хормускиот Проток
Од полноќ, на бензинските пумпи во земјава ќе точат горива по новите цени што ги утврди Регулаторната комисија за енергетика. Според одлуката на РКЕ, просечните цени на нафтените деривати се намалуваат за 1,06 % во однос на претходната одлука.
Еуросупер БС-95 ќе се продава за најмногу 100 денари за литар, што е зголемување од еден денар, додека еуросупер БС-98 ќе поскапи на 102 денари. Кај дизелот, пак, ќе има значително намалување. Еуродизел БС ќе поевтини за 4,50 денари, благодарение на тоа што Владата ја продолжи намалената стапка на ДДВ за дизелот од 10 % и истата ќе важи до 12 октомври. Истовремено, акцизата за бензините и дизелот е намалена за четири денари по литар. Така, од ноќеска на полноќ, максималната цена на дизелот ќе изнесува 100 денари за литар. Екстра лесното масло ќе поевтини за три денари и чини 111,50 денари, додека мазутот ќе се продава за 49,882 денари за килограм.
– Со продолжувањето на оваа мерка директно влијаеме врз малопродажните цени на горивата и го ограничуваме пренесувањето на надворешните ценовни притисоци врз цените на останатите производи и услуги. Реагираме навремено и одговорно, следејќи ги движењата на меѓународните пазари и преземајќи мерки кога тоа е потребно за да го заштитиме стандардот на граѓаните – истакна министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска.
Од РКЕ посочуваат дека новите цени се максимални, што значи дека трговците можат да ги продаваат горивата и пониско. Во меѓувреме, светските пазари бележат ново зголемување на цената на суровата нафта. „Брент“ денеска се искачи на 107,75 долари за барел, додека американската WTI достигна 94,55 долари. Поскапувањето се поврзува со зголемената неизвесност околу конфликтот на Блискиот Исток и состојбата со транспортот низ Хормускиот Проток. Растот на цената доаѓа во услови на зголемена неизвесност околу развојот на конфликтот на Блискиот Исток и иднината на поморскиот сообраќај низ Хормускиот Проток — еден од клучните светски енергетски коридори.
(С. Бл.)












