По повод 20. Светски ден на беснило – 28 септември, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) ги повикува на одговорно сопствеништво граѓаните кои имаат кучиња и мачки – да ги носат домашните миленици на редовна задолжителна годишна вакцинација и да ги микрочипираат.
– Континуирано преземаме активности за контрола и одржување позитивна епидемиолошка состојба кога е во прашање беснилото како болест. Акцијата на зголемување на бројот на идентификувани и регистрирани миленици (кучиња и мачки), а со тоа и вакцинирани против беснило е само дел од мерките кои се преземаат, а се основа и за воспоставување на контрола на популацијата бездомни животни – нагласуваат од АХВ.
Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) потсетува дека е во тек кампањата „Стоп беснило – пријави и спречи“, која има за цел да го зголеми пасивниот надзор на болеста, односно да се провери евентуалното присуство на вирус кај пцовисани животни кои се приемчиви на беснило.
Притоа, апелира до сите возачи и граѓани, доколку забележат пцовисано животно приемчиво на болеста – лисица или други диви месојади, случајот да го пријават на бесплатниот телефонски број 0800 00 210 или во канцелариите на подрачните единици на Агенцијата за храна и ветеринарство.
Според податоците од АХВ, на секои девет минути, беснилото зема уште една жртва. Оттаму велат дела смртта може да биде 100 отсто спречена.
– Кога работиме заедно, можеме да го прошириме пристапот до вакцинација на кучиња што спасува животи, да ги подобриме системите за надзор и пријавување на беснило, да ја зајакнеме јавната свест и образование, да ги поддржиме политиките што ги штитат и луѓето и животните и да изградиме одржливи решенија водени од заедницата – порачува Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) по повод 20. Светски ден на беснило – 28 септември, чие мото годинава е „Заедно посилни“.
Мотото, како што истакнува АХВ, одразува критичен момент во напорите за елиминација на беснило, каде што напредокот сè повеќе зависи од тоа колку добро соработуваат секторите, дисциплините и заедниците. Иако е постигнат значителен напредок, празнините во координацијата и соработката продолжуваат да го ограничуваат влијанието. Оваа тема ја нагласува итноста од зајакнување на партнерствата, подобрување на комуникацијата и усогласување на напорите низ системите за здравје на луѓето и животните.
Првпат по пауза од три години, Агенцијата за храна и ветеринарство во 2025 година почна кампања за орална вакцинација на лисиците, со цел подобрување на епидемиолошка состојба со болеста беснило во земјава и регионот кај дивата популација. Оваа година, кампањата за авионска дистрибуција на 450.000 вакцинални мамки почна на 23 септември и се очекува да заврши до 2 октомври, по што во рок од 15 дена ќе почне со земање примероци за проверка на успешноста на вакцинацијата.












