четврток, јули 2, 2026
Дома СКОПСКА Ѓорѓиевски се дружеше со децата од СОС Детско село, најави и субвенции...

Ѓорѓиевски се дружеше со децата од СОС Детско село, најави и субвенции за секое згрижувачко семејство

35

По повод Меѓународниот ден на семејството, скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски го посети СОС Детско село, каде што оствари средба и дружење со децата, згрижувачките семејства и тимот на организацијата.

За време на посетата биле донирани подароци, но, како што истакна Ѓорѓиевски, најголем впечаток му оставиле животните приказни, талентот и истрајноста на младите луѓе кои растат во СОС Детско село.

-Овие деца се вистински херои. Меѓу нив има стипендисти на американски колеџи, првенци на генерации и млади луѓе кои секојдневно покажуваат дека со поддршка, љубов и грижа нема невозможни патишта – истакна Ѓорѓиевски.

Во рамки на посетата тој најави дека со следниот ребаланс на буџетот, Град Скопје ќе обезбеди средства за субвенции за секое згрижувачко семејство, со цел директно да се помогне во создавање подобри услови за децата и младите.

-Дополнително, најавено е дека иницијативата ќе биде покрената и преку ЗЕЛС до сите општини во Македонија, со цел обезбедување еднаков третман и поддршка за секое дете, без разлика на местото на живеење – соопштија од Град Скопје.

Градските власти наведоа и дека како дел од долгорочните мерки, Град Скопје ќе иницира облигационен меморандум со бизнис-заедницата за обезбедување загарантирани работни места за младите кои излегуваат од системот на згрижување, со што ќе се овозможи нивна поголема економска сигурност и перспектива во државата.

Како што информираа од Град Скопје, од посетата била испратена порака дека поддршката за овие деца нема да остане само декларативна, туку ќе продолжи преку конкретни мерки и институционална грижа.

 

ИЗДВОЕНИ