Градоначалникот на Скопје Орце Ѓоѓриевски најави досега најголема теренска посета низ сите скопски општини, која ќе започне утре со посета на Кисела Вода.
Како што информираше преку социјалните мрежи, посетите ќе опфатат средби со жители, разговори за локалните проблеми и тековните проекти, како и директна комуникација со јавните претпријатија и градските служби.
Заедно со директорите на јавните претпријатија на Град Скопје, како и претставници од градските сектори, градоначалникот на Скопје ќе организира теренски посети на општините за граѓаните да можат директно да постават прашања, да дадат предлози и да добијат конкретни одговори, но и брза реакција, брзо решение.
Првата средба започнува веќе утре, 27 мај во Општина Кисела Вода, во Домот на култура „Билјана Беличанец“, со почеток во 19:30 часот.
Ѓорѓиевски оцени дека во изминатите шест месеци биле започнати и реализирани повеќе проекти кои, како што наведува, со години биле оставени без реализација, додавајќи дека „Скопје денес е големо градилиште“, град во кој се работи, се создава и се испишува нова историја – поубава, посилна и подостоинствена за секој скопјанец.












