вторник, август 25, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Гореше на 23 места низ Македонија: Осум пожари и натаму се активни,...

Гореше на 23 места низ Македонија: Осум пожари и натаму се активни, пламенот стигна и до „Јасен“

22

До 18:00 часот денеска во земјава се регистрирани вкупно 23 пожари на отворен простор, од кои осум се активни, еден е ставен под контрола, а 14 се изгаснати, информира Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Активни се пожарите во Студеничани и Зелениково, каде што гори мешана шума на потегот од село Моране преку Вртекица и Рамни Габер кон Палиград, како и над село Вражале.

Пожар има и во Гостиварско, кај селото Трново, со ширење кон Битово и Заград, каде што гори ниска вегетација и папрат. Активни се и пожарите над Нежилово во Општина Чашка, меѓу Долно Чичево и Подлес во Општина Градско, кај селото Коњаре во Прилепско, како и меѓу резерватот „Јасен“ и село Брезница во Општина Македонски Брод, каде што гори борова шума.

Пожарите во Кавадарци, на градската депонија „Мелци“, и во Виница, зад салонот за мебел „Мебел Ви“, исто така се активни.

Еден пожар е ставен под контрола во Кичевско, кај селото Тајмиште, во месноста Дарда, каде што гори високостеблеста букова шума.

Во текот на денот се изгаснати 14 пожари во Сарај, Гостивар, Куманово, Берово, Струмица, Кичево, Струга, Делчево, Пробиштип, Гази Баба и Чучер Сандево.

ИЗДВОЕНИ