Големите француски малопродажни синџири „Intermarché“ и „Coopérative U“ беа цел на сајбер-напад што предизвика одмрзнување на фрижидерите и коморите за замрзнување во стотици продавници. Двата трговски ланца ја потврдија оваа информација за агенцијата АФП во понеделникот. Нападот погоди меѓу 150 и 200 продавници на „Intermarché“ и речиси 100 објекти на „Coopérative U“, соопштија компаниите.

Јавното обвинителство во Париз го потврди нападот – кој наводно погодил и други големи малопродажни синџири – и извести дека во некои случаи избиле и пожари.

Францускиот медиум „BFM TV“ објави дека бил погоден и најголемиот француски малопродажен синџир, „E. Leclerc“, при што хакерите успеале од далечина да активираат присилно одмрзнување на системите за ладење во бројни продавници. „E. Leclerc“ не ја потврди веднаш оваа информација на барање на АФП.

Сите свежи и замрзнати производи во погодените продавници на „Intermarché“ ќе мора да бидат фрлени, соопшти компанијата.

Специјализираниот француски веб-портал за вести од малопродажбата jebosseengrandedistribution.fr објави дека со нападот биле погодени и синџирите „Carrefour Market“ и „Monoprix“, иако тие компании сè уште не ја потврдиле информацијата.

Доминик Шелшер, извршен директор на „Coopérative U“, го опиша нападот како „настан без преседан“ и потврди дека системите за ладење биле погодени уште од неделата навечер.

„Нападот врз опрема што е клучна за зачувување на свежите производи и за снабдување на француското население со храна е крајно сериозен и без преседан. Тоа е неприфатливо“, напиша тој на социјалната мрежа X.

Тој додаде дека вработените во компанијата се целосно ангажирани во што побрзо решавање на последиците од нападот.

„Ќе биде потребна истрага за целосно да се расветлат околностите на овој напад“, изјави тој.

Јавното обвинителство во Париз за АФП потврди дека е отворена истрага за „сајбер-напад од големи размери што ги погодил системите за ладење на неколку големи малопродажни синџири низ Франција“. Истрагата има за цел да ги идентификува сите засегнати компании и да утврди каква било врска помеѓу нападот и пријавените загуби на храна или избувнувањето на пожари, објави обвинителството.

Според BFM TV, хакерите од далечина ги промениле температурите на ладилниците, што довело до уништување на залихите од свежи и замрзнати производи. Нападот се случил во услови на растечка загриженост за потенцијалните последици од сајбер нападите врз различни сектори на европската економија.

Францускиот претседател Емануел Макрон, силен застапник на поддршката на Украина во нејзината одбрана од руската инвазија, минатиот месец нареди мерки за заштита на француската критична инфраструктура од руските „хибридни напади“.

ИЗДВОЕНИ