среда, октомври 7, 2026
Дома БАЛКАН Балканот пред временски пресврт: Циклон носи до 200 литри дожд, а потоа...

Балканот пред временски пресврт: Циклон носи до 200 литри дожд, а потоа стигнува и заладување

823

Продолжува периодот на вистинско летно време во регионот, со температури кои достигнуваат до 28 степени, а најтопло ќе биде денеска, кога локално температурите ќе се искачат и до 30 степени. Но, веќе од четврток следува значителна промена на времето. Сè повеќе ќе зајакнува силен циклон од Џеновскиот Залив, кој најпрво на подрачјата долж Јадранот ќе донесе обилни врнежи, поројни дождови и грмежи.

Најобилни врнежи најпрво се очекуваат во северниот дел на Јадранот, а потоа и во Далмација. Бранот на врнежи ќе се проширува кон црногорското крајбрежје и неговото залеѓе. Во овие предели се можни и силни грмежни невремиња, со град, бурен ветер и силни електрични празнења.

Локално може да наврнат од 100 до 200 литри дожд на квадратен метар, а во одделни места и повеќе. Поради тоа постои опасност од урбани поплави, надојдени порои и одрони.

Најобилниот бран врнежи ќе го зафати подрачјето од словенечкото до црногорското крајбрежје, но врнежите постепено ќе навлегуваат и во внатрешноста на Балканот. Промената на времето ќе стигне и до Србија, а врнежлив период се очекува и во Македонија.

Во Македонија, во четврток утрото ќе биде постудено, но во текот на денот ќе преовладува сончево време со мала до умерена облачност. Од петок, како и во текот на викендот, времето ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд, кои наместа ќе бидат пообилни.

Локално врнежите во Македонија ќе бидат поројни и проследени со ретки грмежи. Утринските температури ќе бидат во пораст, додека дневните температури нема значително да се менуваат.

Од недела, во поголемиот дел од регионот се очекува постепено стабилизирање на времето, а од понеделник и во Македонија ќе следува стабилизација. На почетокот на следната седмица се очекуваат повеќе сончеви периоди и температури над 20 степени.

Сепак, стабилното време нема долго да трае. Во средината на месецот се очекува ново, посилно заладување, со карактеристики на вистинско есенско време. Ќе има дожд и значителен пад на температурите, а на повисоките планини ќе постојат услови и за снег.

ИЗДВОЕНИ