Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ е казнет со 5.600 фунти за „гласна вулгарност“, објавија организаторите на Вимблдон на најновата листа со дисциплински мерки. Седумкратниот шампион на лондонскиот гренд слем беше меѓу играчите што беа казнети за кршење на Кодексот на однесување, а казната се однесува на инцидент во текот на натпреварот од главната рунда.
Организаторите не прецизираа во кој момент бил евидентиран прекршокот, но се претпоставува дека станува збор за натпреварот од осминафиналето, против Роман Сафиулин. Ѓоковиќ потоа, по загубениот сервис на почетокот од третиот сет, реагираше бурно, гласно пцуеше и доби официјално предупредување од судијата.
Подоцна, во текот на натпреварот, српскиот тенисер повторно го покажа своето незадоволство. По еден поен во кој Сафиулин силно ја удри топката во негов правец, Ѓоковиќ го избегна ударот, а потоа силно ја удри топката, која излеза надвор од теренот.

По таа средба, Ѓоковиќ призна дека не е горд за своето однесување.
– Понекогаш помага да се ослободите од она што се насобрало. Не сум горд кога ќе добијам опомена или кога ќе ја загубам контролата. Тоа не е нешто што го сакам, но кога ќе се случи, се обидувам што побрзо да го оставам зад себе и да се фокусирам на следниот поен – рече српскиот тенисер.
Инаку, Новак Ѓоковиќ на спектакуларен начин се пласираше во полуфиналето на Вимблдон откако по голема борба го совлада Феликс Оже-Алијасим со 3:2 во сетови. Тој славеше со 7:6, 3:6, 6:3, 6:7, 7:6 и уште еднаш покажа зошто е еден од најголемите мајстори за драматични гренд слем дуели. Спектакуларното четврт-финале траеше нешто повеќе од пет часа. Во полуфиналето го очекува голем спектакл против бранителот на титулата и прв тенисер во светот, Италијанецот Јаник Синер.
Ѓоковиќ не е единствениот што беше казнет на годинашниот Вимблдон. Казна од 5.600 фунти им беше доделена и на Хуберт Хуркач за гласно пцуење, на Жоао Фонсека за кршење рекети, на Дамир Џумхур и Танаси Кокинакис за неспортско однесување, на Корентан Муте за фрлање рекети и на Џулијан Кеш за кршење на опремата.
Српскиот тенисер Хамад Меѓедовиќ, кој беше казнет со 3.700 фунти претходно во текот на турнирот, за гласно пцуење, е, исто така, на списокот на казнети.












