Дуелот помеѓу Вардар и КуПС привлече внимание и во земјите од поранешна Југославија, кои го ставија резултатот во втор план и кои ѝ посветија најголемо внимание на атмосферата на националната арена „Тодор Проески“.
Босанскиот портал „СпортСпорт.ба“ објави текст со наслов „Срам и неверица: една од најболните слики во последно време доаѓа од балкански стадион“.
– Европската сцена секогаш носи посебна емоција, а враќањето на Вардар во квалификациите за Лигата на шампионите требаше да биде фудбалски празник во Скопјe.
Сепак, покрај резултатот, друга слика предизвика многу повеќе коментари кај љубителите на фудбалот во регионот. Само 3.512 гледачи се собраа на најголемиот стадион во Македонија, што е навистина разочарувачка бројка за европски натпревар со ова значење. Особено кога знаете каква историја има Вардар и колку многу значел тој за генерации навивачи. Некогаш името „Вардар“ беше синоним за полни трибини, одлична атмосфера и голема поддршка од сите страни, додека денес сликата е сосема поинаква.
За проблемот со слабата посетеност беше дискутирано и пред натпреварот. Бројни навивачи, како и луѓе блиски до клубот, предупредија дека, со години, премалку било направено за поврзување со публиката.
Вардар има богата традиција и големо име, но само тоа веќе не е доволно за да привлече илјадници луѓе на стадионот.
Модерниот фудбал долго време е повеќе од само деведесет минути игра. Клубовите денес инвестираат огромни ресурси во маркетингот, промоцијата, социјалните медиуми, фан- зоните, продажбата на клупска опрема и во разните содржини што им нудат на навивачите за целосно искуство пред, во текот и по натпреварот.
Токму ова е она што многумина го сметаат за најголем проблем на Вардар. Недостигот на квалитетна промоција, организирани активности за навивачите, модерна продавница за навивачите и континуирана комуникација со публиката оставил последици што се јасно видливи на трибините денес – пишува „СпортСпорт.ба“.
Хрватскиот портал „тпортал.хр“, пак, објави текст со наслов „Фотографијата од стадионот стана вирална: сцената ги шокираше и локалните навивачи“.
– На националната арена „Тодор Проески“ се собраа значително помал број навивачи отколку што се очекуваше за натпреварот од првото квалификациско коло од Лигата на шампионите, против финскиот тим КуПС. Фотографиите од речиси празните трибини брзо станаа вирални на социјалните мрежи, предизвикувајќи реакција кај навивачите во регионот.
Ова е особено разочарувачки со оглед на тоа што ова е првиот европски натпревар на Вардар во Лигата на шампионите по долго време. Клубот, кој со години е симбол на македонскиот фудбал, очекуваше многу поголема поддршка во својот обид да се врати на европската сцена – пишува „тпортал.хр“.












