Во просториите на Делегацијата на Европската Унија во Скопје, заменик министерката за животна средина и просторно планирање Ане Лашкоска, амбасадорот на Република Франција во земјава, Н.Е. Кристоф Ле Риголер, и министерот за правда Игор Филков денеска потпишаа Меморандум за разбирање за спроведување на проектот „Конвергенција на климатската и еколошката правда“ (CEJ Convergence).
Меморандумот ја утврдува рамката и модалитетите за соработка меѓу институциите во насока на спроведување на проектот, чија цел е унапредување на пристапот до еколошката правда, зајакнување на учеството на јавноста во процесите на донесување одлуки поврзани со животната средина и поддршка на поефикасна примена на еколошкото законодавство во согласност со европските стандарди.
Во своето обраќање, заменик министерката Лашкоска истакна дека заштитата на животната средина и владеењето на правото се меѓусебно поврзани процеси кои бараат силна институционална соработка, меѓународно партнерство и активно учество на граѓаните.
– Со потпишувањето на овој меморандум поставуваме цврста основа за продлабочување на соработката со нашите француски и европски партнери и за понатамошно усогласување со европското законодавство и најдобрите практики во областа на животната средина. Оваа иницијатива е важен чекор во исполнувањето на обврските од европската агенда и во зајакнувањето на владеењето на правото како еден од клучните столбови на процесот на пристапување кон Европската Унија – изјави Лашкоска.
Таа додаде дека проектот ќе придонесе кон создавање поотворен, потранспарентен и поефикасен систем во кој граѓаните ќе имаат поцелосен, полесен и подиректен пристап до механизмите за остварување на нивните права во областа на животната средина, како и поголеми можности активно да учествуваат во процесите на донесување одлуки кои влијаат врз квалитетот на животната средина и нивното секојдневие.
Проектот „Конвергенција на климатската и еколошката правда“ претставува значаен придонес кон реформите во рамките на Поглавјето 27 – Животна средина и климатски промени, како и кон зајакнувањето на владеењето на правото и демократското учество во креирањето на јавните политики. Преку партнерството со Франција и европските институции, Министерството за животна средина и просторно планирање ќе продолжи да работи на воспоставување современ и ефикасен систем на еколошко управување, во кој заштитата на животната средина, правната сигурност и интересите на граѓаните се неразделен дел од европската иднина на МК.
Со реализацијата на овој проект ја потврдуваме заедничката заложба на нашите институции и меѓународните партнери за градење поотпорно, поинклузивно и поправедно општество, во кое еколошките права на граѓаните се препознаени како составен дел од современите европски демократии и одржливиот развој.












