Настапот на Хаити на Светското првенство е една од најубавите приказни на турнирот, но во центарот на вниманието пред дуелот со Шкотска се најде еден фудбалер што одби да биде дел од мундијалската бајка.
Станува збор за Одсон Едуар, напаѓачот на Ленс, кој имаше право да настапува за Хаити поради потеклото на своите родители. Иако никогаш не доби вистинска шанса во сениорската репрезентација на Франција, тој реши да не го прифати повикот од Хаити непосредно пред Светското првенство.
Тој беше еден од најголемите таленти во францускиот фудбал. Како член на младинските селекции на Франција, постигна неверојатни бројки, а подоцна настапуваше за ПСЖ, Селтик, Кристал палас и за Лестер.
Сепак, кога пристигнал повикот од Хаити, неговиот одговор изненадил.
- Не чувствував дека е правилно да играм на Светското првенство поради играчите што се мачеа да се квалификуваат. Не сакав да се појавам во последен момент и да ја искористам предноста на турнирот. Ако играм на Светско првенство, сакам да го заслужам тоа – изјави Едуар.
Неговата одлука предизвика бројни позитивни реакции во фудбалската јавност, бидејќи ретко се случува играч доброволно да се откаже од настап на Светското првенство од почит кон соиграчите што се избориле за пласман.
Со ваквиот потег, напаѓачот се откажа од можноста да настапи на најголемата фудбалска сцена и да игра против селекциите како Бразил, Мароко и Шкотска. Инаку, репрезентацијата на Хаити го загуби првиот натпревар на Мундијалот откако селекцијата на Шкотска беше подобра од неа, славејќи минимално со 1:0.











