Францускиот актер и режисер Арно Дени, кој со години предупредуваше за ризиците и компликациите поврзани со вградувањето протези за третман на кила (хернија), почина во вторникот во Белгија преку медицински потпомогната смрт, откако трпеше, како што велеше, неподносливи болки.
Дени (43) беше опериран во 2023 година поради препонална кила, при што му беше вградена полипропиленска мрежа, пренесува „Радио Франс“.
Набрзо по операцијата почна да трпи интензивни болки, кои ги опишуваше како „убоди од нож“ и „струјни удари“.
Потоа тој направи група на Фејсбук под наслов „Жртви на протези за кила“, која денес брои повеќе од 6.000 членови, и со години предупредуваше за проблемите со кои се соочуваат пациентите по ваквите операции.
Дени особено го доведуваше во прашање начинот на кој пациентите пред операцијата се информираат за можните компликации, материјалите од кои се изработени протезите и медицинското следење на пациентите кои по операцијата трпат хронични болки.
„Не сакаме да сееме страв, туку да предупредиме на опасностите“, велеше тој.
Хирурзите специјализирани за овие интервенции наведуваат дека вградувањето протеза е моментално препорачаниот начин на лекување, но признаваат дека болки се јавуваат кај 5 до 10 проценти од пациентите, додека во 1 до 5 проценти од случаите се толку сериозни што го ограничуваат секојдневното функционирање.
Во Франција годишно се вградуваат околу 200.000 протези за кила, а по кампањата што ја водеше Дени, Француската национална агенција за безбедност на лекови и здравствени производи (ANSM) забележа зголемување на бројот на пријави за несакани ефекти.
Откако неговата кривична пријава беше отфрлена — што тој го опиша како „понижување“ — Дени најави дека ќе се приклучи кон колективната тужба што ја подготвуваше адвокатот Пјер Дебуисон.
Неговата пријателка и исто така пациентка со здравствени проблеми, Жили Канон, изјави по неговата смрт дека тој сакал борбата што ја започнал да продолжи и неговото заминување „да не биде залудно“, пренесува „Танјуг“.












