Во црквата „Св. Софија“ утревечер (30 јули) во 21 часот, во рамките на Француската вечер на „Охридско лето“ концерт ќе одржи квартетот „Хермес“ во состав Омер Буше – виолина, Елисе Лиу – виолина, Лоу Јунг Хсин Чанг – виола и Јан Левионоа – виолончело.

Квартетот „Хермес“, именуван според познатиот гласник од грчката митологија, својата музичка уникатност ја градат преку тоа што се обидуваат да бидат „проводници“ на музичките идеи на композиторите и нив да ги спојат со сензибилитетот на публиката. Нивниот идентитет го градат преку бројните патувања и настапи насекаде низ светот. „Карнеги хол“ во Њујорк, Забранетиот град во Пекинг, „Вигмор хол“ во Лондон се само некои од местата во кои настапиле и кои суштински влијаеле врз нивниот развој како ансамбл. Настапуваат на фестивалите во Нант и во Рок Антерон, во Мекленбург-Форпомерн, на Фестивалот за камерна музика во Мантова и на фестивалите во Мароко и во Холандија. Квартетот е формиран во 2008 година на Конзерваториумот во Лион, каде студирале со членовите на квартетот „Равел“, а подоцна се усовршувале низ соработките со квартетите „Изаи“ и „Артемис“, како и со Еберхард Фелц и Алфред Брендел.

Тие имаат широк репертоар и нивните соработки вклучуваат концерти со: Јо-Јо Ма, Никола Ангелич, Грегор Сигл, Павел Колесников, Ким Кашкашијан, Ан Гастинел и со квартетите „Ебене“ и „Аурин“.

Победници се на бројни натпревари, меѓу кои Меѓународниот натпревар во Женева, аудициите за млади музичари во Њујорк и др.  Биле резидентен квартет во Капелата за музика „Кралица Елизабета“ во Брисел од 2012 до 2016 година, а се квартет поддржан од Фондацијата „Сигнер-Полињак“ од 2019 година.

Соработуваат со издавачката куќа „Ла долче волта“ и за истата го снимаат комплетниот опус за квартет на Роберт Шуман, како и албумот посветен на творештвото на Равел, Дебиси и Дитје.

Нивното издание со квартетите од Франц Шуберт, „Розамунда“ и „Смртта и девојката“ ја добива наградата „Шок класика“, како и трофејот „Радио класик“ во 2022 година. Последниот албум „Ехо на Виена“ издаден во 2026 година е одлично примен од стручната критика.  Од 2018 година заедно со хармоникашот Фелисиен Брут и со контрабасистот Едоард Макарес формираат секстет и заедно го издаваат првиот албум за Мираре во 2019 година.

Јан Левниоа свири на инструмент изработен од Давид Течлер во 1703 година кој му е даден на користење од страна на приватни донатори.

ИЗДВОЕНИ