Француските власти започнаа со спроведување засилен болнички карантин за лица идентификувани како контакти на случаи на хантавирус.
Францускиот министер за одбрана Себастијан Лекорни вчера изјави дека „сите случаи на контакт, без исклучок“, ќе бидат сместени во засилен карантин во болнички услови, објавува француската телевизија „БФМ ТВ“.
Според медиумските извештаи, дел од изолацијата започна во понеделник вечерта, додека преостанатите контакти ќе бидат префрлени во изолација во текот на денот.
Случаите на контакт се следат во неколку региони на Франција, со цел да се грижат за нив во најблиските центри за заразни болести.
Еден случај веќе е потврден во Бретања, каде што лицето прво се изолирало дома во одделот Финистер пред да биде префрлено во Универзитетската болница во Рен.
Според протоколот на Светската здравствена организација, карантинот трае 42 дена. Оваа мерка се однесува на вкупно 22 идентификувани контактни случаи во Франција.
Осум лица биле на лет од Света Елена до Јоханесбург на 25 април, меѓу кои и патник од холандски крузер кој починал откако бил заразен со хантавирус.
Француската влада соопшти дека сите биле брзо изолирани и тестирани, а резултатите досега се негативни. Останатите 14 контакти биле идентификувани на лет помеѓу Јоханесбург и Амстердам.
Првично им било наредено да се самоизолираат, по што владата одлучила сите да ги вклучи во засилен карантин.
Француската влада објави дека дневно ќе се одржуваат два меѓуминистерски состаноци посветени на хантавирусот.
Првиот состанок е закажан за утринските часови и ќе се фокусира, меѓу другото, на погодените региони и хоспитализираните контакти, додека вториот ќе се одржи попладнево, пренесе „Танјуг“.












