недела, октомври 25, 2026
Дома СВЕТ Зеленски: Русија за една недела лансираше 1.600 наведувани бомби, 48 ракети и...

Зеленски: Русија за една недела лансираше 1.600 наведувани бомби, 48 ракети и 2.300 беспилотни летала

33
EPA/SERGEY DOLZHENKO

Само оваа недела, Русија лансираше приближно 1.600 наведувани авионски бомби, 48 ракети од различен тип – вклучително и балистички ракети – како и речиси 2.300 борбени беспилотни летала врз Украина, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски.

„За жал, како резултат на овие брутални напади, речиси секој ден има загинати и повредени“, рече Зеленски.

Тој соопшти дека четири лица загинале, а 22 се ранети – меѓу кои и едно 11-годишно девојче – по руското гранатирање во Днепропетровската област таа вечер.

Во Виница, руско беспилотно летало погоди повеќекатна зграда, при што беа повредени шест лица. Во Харков, руските сили прво погодија продавница за градежни материјали, а потоа извршија втор напад насочен кон екипите за итни интервенции кои пристигнале на местото на настанот.

Меѓу повредените во инцидентот имаше и спасувачи.

„Синоќа беа извршени напади и врз термоелектрани, електрични потстаници, рудници за јаглен, силоси за жито, трговски центри и поштенски терминал. Штети се евидентирани во девет региони“, истакна украинскиот претседател.

Тој нагласи дека токму вака Русија одговара на дипломатијата и на напорите за прекин на нејзината изолација, додавајќи дека е од клучно значење поддршката за Украина да не ослабне паралелно со преговарачкиот процес, пренесува „Укринформ“.

„Мораме да ја одблокираме испораката на пресретнувачки ракети за системите ’Патриот‘ – нешто за што Европејците веќе се согласија. Мораме да продолжиме да ја поддржуваме борбената авијација на Украина за одбрана од беспилотните летала ’Шахед‘“. „Секој таков одбранбен пакет, особено пред почетокот на зимата, помага да се спасат животи“, посочи Зеленски.

Како што пренесува „Укринформ“, Зеленски изјави дека Русите ќе ги интензивираат нападите со балистички ракети врз Украина, особено со оглед на тоа што залихите на Украина од пресретнувачки ракети се намалуваат.

ИЗДВОЕНИ