Германските власти ја истражуваат врската меѓу двајца мажи уапсени во Србија и осомничените за обидот за напад со беспилотно летало врз украински товарен авион во Лајпциг
Случајот со неуспешниот напад со беспилотно летало врз аеродромот во Лајпциг на почетокот на август би можел да биде поврзан и со случаите на пронајдени беспилотни летала и експлозиви во Србија, објавува германскиот неделник „Шпигел“.
Еден од осомничените идентификувани досега во обидот за напад со беспилотно летало врз украински транспортен авион на аеродромот во Лајпциг е поврзан со друго лице кое беше уапсено во Србија во јуни за поседување експлозиви, објавува „Шпигел“, повикувајќи се на безбедносни извори во Германија.
Според „Шпигел“, на 11 јуни, српската полиција запрела две возила во близина на српско-унгарската граница, во кои се наоѓале Данило Б., кој има српско и руско државјанство, и српскиот државјанин Слободан Д.
Во првиот автомобил биле пронајдени компоненти од модифициран дрон и контролни единици, а во вториот, во посебен оддел биле пронајдени конзерви полни со експлозиви.
Според „Шпигел“, двајцата осомничени се упатувале кон Унгарија, односно кон Европската Унија.
Двајцата осомничени се во притвор од јуни, а германските власти истражуваат нивна поврзаност со осомничените за обидот за напад во Лајпциг, еден белоруски и еден литванско-руски државјанин.
Шпигел, исто така, наведува дека еден од осомничените за нападот во Лајпциг, исто така, долетал преку Србија и Истанбул до Русија.












