Формула 1 постигна десетгодишен договор за одржување на Големата награда на Африка во Руанда, со што ќе се врати на африканскиот континент првпат по 1993 година.

Новата трка треба да се одржува на патека што ќе биде изградена во Бугесера, околу 40 километри јужно од главниот град Кигали, во близина на новиот меѓународен аеродром.

Точната година на премиерното издание сè уште не е потврдена, а стартот ќе зависи од завршувањето на изградбата. Патеката ќе ги исполнува највисоките стандарди на ФИА и се очекува природните промени во надморската височина да донесат дополнителни предизвици за возачите.

  • Денес е историски момент за Формула 1 – изјави претседателот и извршен директор на шампионатот, Стефано Доменикали.

Последната трка во Африка се одржа во 1993 година, на патеката „Кјалами“ во Јужна Африка. Со враќањето на континентот, Формула 1 ќе организира трки на сите населени континенти.

Според организаторите, во Африка има повеќе од 100 милиони љубители на Формула 1, па се очекува новата трка да биде значаен чекор во глобалното ширење на шампионатот.

ИЗДВОЕНИ