Ако денешните резултати од последните анализи покажат дека количината на хлор во водата е во дозволените граници, водата во Гостивар конечно би можела повторно да биде пуштена за пиење, по речиси еден месец од почетокот на водната криза. „Последните мерења ни покажаа дека количината на резидуален хлор во водата е на границите на дозволеното и се чекаат последните мерења кои се направени во понеделникот. Резултати се очекуваат среда попладне. Во случај да се покаже дека количината на хлорот е добра како претходните две анализи, тогаш од Централниот штаб мислам дека ќе соопштат на јавноста дека водата можеби ќе биде пуштена во употреба и за пиење“, вели за ВЕЧЕР, Зуди Џелили од КШ.
За едни, водата е на неколку чекори од дома, на пунктовите каде што секојдневно се дели пакувана вода, за други, особено за старите, болните, неподвижните и социјално загрозените граѓани кои живеат во подалечните рурални места, дистрибуцијата е сериозен проблем. Речиси еден месец по почетокот на кризата со водоснабдувањето во Гостивар, обезбедувањето вода за пиење и понатаму не е еднакво достапно за сите.
„Водата е недостапна за социјално загрозените што живеат во руралните места кои се далеку од пунктовите. Има стари и изнемоштени, болни, неподвижни. Некои од нив живеат во згради и не можат да одат по вода, треба некој да им донесе“, вели жителка на Гостивар за весникиот ВЕЧЕР. Проблемот не е само во количината на обезбедена вода, туку и во тоа дали таа може физички да стигне до домаќинствата на луѓето кои не можат сами да ја подигнат.
Досега Владата најави дневна дистрибуција на 50.000 литри бесплатна вода за пиење, распоредена на повеќе пунктови во Гостивар, со цел да се покријат потребите на населението додека траат мерките и препораките.
Граѓаните, пак, продолжуваат да се снаоѓаат, таму каде што притисокот е слаб се носат цистерни, а од Кризниот штаб апелираат жителите што имаат проблем со достапноста на вода да се јавуваат на телефонскиот број за кризи.
Во меѓувреме, се намалува и количината на хлор во водоводната мрежа. Од денешните резултати зависи дали по речиси еден месец водата конечно ќе може да се пие од чешма.
„Од последните неколку мерења се покажа дека нема бактерии во водата, доминира хлорот, така да по наредба на лабораториите кои прават контроли на 12 часа, ЈП „Комуналец“ ја намали количината на хлорот кој се користеше за дезинфекција“, вели за весникот ВЕЧЕР, Зуди Џелили од Кризниот штаб.
Објаснува дека последните мерења покажале оти количината на резидуален хлор се намалува и е на границите на дозволеното.
„Последните мерења ни покажаа дека количината на разреден хлор во водата е на границите на дозволеното и се чекаат последните мерења за кои резултатите треба да се објават среда попладне. Во случај да се покаже дека количината на хлорот е добра како претходните две анализи, тогаш од Централниот штаб мислам дека ќе соопштат на јавноста дека водата можеби ќе биде пуштена во употреба и за пиење“, вели Џелили.
Трите ангажирани лаборатории земаат примероци од седум исти локации, со цел резултатите да можат директно да се споредуваат. „Се договорија да земаат сите три од истите места за да биде споредбата квалитетна и резултатите посигурни. Резултатите се поклопуваат и се согласни со состојбата на водата во тие моменти“, додава Џелили.
Но, додека се чекаат резултатите што треба да покажат дали водата повторно ги исполнува условите за пиење, продолжува и истрагата за тоа како дошло до загадувањето. Од Јавното обвинителство информираат дека надлежниот јавен обвинител интензивно постапува и прибира докази. Прибран е голем дел од потребните материјални докази, кои се анализираат, а испитани се и дел од сведоците. По наредба на јавниот обвинител, Управата за финансиска полиција ја одзела и ја прегледува документацијата поврзана со финансирањето и искористувањето на средствата од проектот за водоснабдување.
„Воедно се истражуваат и сите други аспекти на овој настан, како и наводите за претходни загадувања на водата, а по донесување на јавнообвинителска одлука јавноста ќе биде известена“, информираат од ЈОРМ.
За кризната состојба со водата во Гостивар , СДСМ поднесе кривична пријава против министерот за здравство Сашо Клековски, директорката на Институтот за јавно здравје Марија Андоновска, директорот на Државниот санитарен и здравствен инспекторат Кирил Лазов и против директорот на Центарот за јавно здравје во Тетово, Шпенди Амети. Власта пак тврди дека има докази оти водата била загадена и во времето на СДСМ. ВМРО-ДПМНЕ ја обвини опозицијата дека со години знаела и молчела за небезбедната вода за пиење во Гостивар. (П.А.)












