Стабилните и силни јавни финансии претставуваат клучен темел за економскиот развој на државата, истакна премиерот Христијан Мицкоски на настанот по повод 25-годишнината од формирањето на Центарот за извонредност во финансиите, при тоа оценувајќи дека тие не се само економска категорија, туку предуслов за инвестиции во образованието, здравството, инфраструктурата, безбедноста и севкупниот општествен напредок.

Во своето обраќање, тој нагласи дека Владата останува цврсто определена за водење стабилни, одговорни и транспарентни јавни финансии, при што, како што рече, секој денар од буџетските средства мора да биде управуван домаќински, отчетно и во интерес на граѓаните. Мицкоски ја пофали работата на министерката за финансии и нејзиниот тим, посочувајќи дека фискалната дисциплина и економскиот раст не се спротивставени процеси, туку политики што мора паралелно да се спроведуваат.

Како потврда на економските политики, премиерот се повика на податоците за првиот квартал од годината, според кои Македонија остварила раст на бруто-домашниот производ од 3,2 проценти, што, како што оцени, ја позиционира земјата меѓу економиите со највисок раст во Европа. Тој посочи и дека минатата година бил забележан рекорден износ на странски директни инвестиции од 1 милијарда и 255 милиони евра.

– Овие бројки не се само статистика, туку потврда дека стабилните јавни финансии и реформите создаваат доверба кај инвеститорите – порача Мицкоски, додавајќи дека економските резултати се придружени со раст на индустриското производство, извозот и платите, како и со постепено намалување на невработеноста. Тој информираше и за стабилизирање на инфлацијата и подобрување на предвидливоста на деловното окружување.

Премиерот најави продолжување на инвестицискиот циклус кој опфаќа инфраструктурни проекти во патната и железничката мрежа, образованието, здравството, спортот и енергетиката, оценувајќи дека тие инвестиции директно влијаат врз конкурентноста на економијата и квалитетот на живот на граѓаните.

Мицкоски упати честитки по повод 25-годишнината од формирањето на Центар за извонредност во финансиите, оценувајќи дека институцијата има значаен придонес во унапредувањето на јавните финансии, развојот на професионалните капацитети и регионалната соработка.

На свеченоста, на која присуствуваа министри, гувернери и претставници на меѓународни институции, премиерот истакна дека Центарот во изминатите 25 години прераснал во значаен регионален центар за обука и размена на знаење, со десетици илјади обучени професионалци и бројни реализирани настани.

Тој нагласи дека во услови на брзи глобални економски промени, знаењето и институционалниот капацитет претставуваат најважен ресурс за развој на државите, додавајќи дека вистинскиот напредок се темели на луѓе со интегритет, знаење и способност за спроведување политики во пракса.

– Инвестицијата во знаење е најисплатлива инвестиција – порача Мицкоски, додавајќи дека таа создава подобри институции, поефикасни политики и долгорочен економски раст.

 

ИЗДВОЕНИ