Финансиските друштва за брзи кредити ќе мора да се откажат од агресивни кампањи и пораки што асоцираат на „лесни“ и „инстант“ пари. Со оваа одлука, Министерството за финансии сака да стави крај на манипулативните реклами со кои кај граѓаните се создава впечаток дека земањето кредит е едноставна и безризична одлука. Термини како „пари веднаш“, „кеш за минута“ или „продавница за пари“ упатуваат на тоа дека кредитот не претставува финансиска обврска. Ова одлука следуваше по извршениот надзор во кој инспекторите откриле повеќе неправилности, како одобрување кредити со 0 отсто камата, но во договорите со клиентите биле предвидени дополнителни трошоци.
Со новите правила се испраќа порака дека брзите кредити преку рекламирањето не треба да поттикнат импулсивно задолжување, особено во период кога голем дел од граѓаните се соочуваат со зголемени трошоци за живот и финансиска неизвесност.
Практиката на рекламирање на брзите кредити со 0 отсто камата по телевизиите, интернетот или на рекламните табли по градот трае со години, а инспекторите дури сега се сетија да ги проверуваат овие финансиски друштва. Според Законот за заштита на потрошувачите, трговската практика се смета за измамничка ако во рекламата изостануваат клучни информации што се важни за потрошувачот да донесе одлука.
Од Организацијата на потрошувачи на Македонија посочуваат дека до организацијата сè почесто пристигнуваат претставки од граѓани кои се жалат на начинот на работа на компаниите што одобруваат брзи кредити. Најголем дел од поплаките се однесувале токму на агресивните начини на наплата на долговите, прекумерните дополнителни трошоци и недоволно јасните услови во договорите.
Како што наведуваат оттаму, дел од финансиските друштва рекламираат кредити со нулта камата или без учество, но во практиката, клиентите подоцна се соочуваат со дополнителни надоместоци и обврски кои не биле доволно јасно објаснети. Проблем претставува и тоа што договорите често содржат сложени услови и ситни букви, а корисниците, поради брзината на постапката, немаат доволно време детално да ги разгледаат пред потпишување.
Во Законот за заштита на потрошувачи стои дека во договорот за потрошувачки кредит треба да има 15 дена рок на откажување, што често не се применува од страна на овие фирми. Финансиските друштва најчесто бараат враќање на двоен износ на кредитот при раскинување на договорот во рок од 14 дена и покрај тоа што, според Законот, има право во тој рок да го раскине без дополнителни трошоци.
Од ОПМ посочуваат дека кај дел од кредитните договори, проблем претставуваат одложените плаќања и дополнителните трошоци, кои со текот на времето се преструктуираат и често достигнуваат износи повисоки од основниот долг. Законот за заштита на потрошувачите не дозволува наплата на дополнителни трошоци поврзани со доцнење на исплатата, што е во спротивност и со Законот за облигациони односи, кој забранува наплата на казнена камата.
Во законските измени кои се во подготовка, како што неодамна најави и премиерот Христијан Мицкоски, ќе се стави крај на перцепцијата дека со брзите кредити се обезбедува подобар живот или решение за личните и социјалните проблеми кај граѓаните. Тој појасни дека анализите покажале дека поголем дел од граѓаните ја напуштиле државата токму поради зголемените долгови што им се наталожиле.
Со законските измени, исто така, се предвидува вкупниот износ кој граѓаните треба да го вратат да не смее да биде над 150 отсто од износот на долгот.
Сепак, како што појаснуваат од Министерство за финансии, со измените нема да се стави крај на сите финансиски друштва, туку на пазарот ќе останат само оние што нудат брзи кредити со јасни и транспарентни услови.
(А. С.)












