Одлуката за промена на форматот на Светското првенство, од 48 на 64 екипи, ќе биде донесена до 14 август, објавија денес британските медиуми.
Проширувањето на Светското првенство на 64 екипи остана на агендата на Меѓународната фудбалска федерација (ФИФА) оваа недела, и покрај жестоките критики за нејзините планови да продаде удел во своите комерцијални операции на приватни инвеститори.
Како што објави „Скај“, ФИФА започна процес на консултации за уште едно проширување на Светското првенство и очекува да донесе одлука до 14 август.
ФИФА сака да ангажира независна агенција за да ја процени изводливоста на проширувањето на Светското првенство од 48 на 64 екипи на време за следниот турнир во 2030 година.
Јужноамериканската фудбалска конфедерација (КОНМЕБОЛ) се залага за натпреварување со 64 екипи во 2030 година, за да се овозможи повеќе натпревари да се играат на континентот по повод 100-годишнината од првото Светско првенство во Уругвај во 1930 година.
Светското првенство во 2030 година ќе се одржи во Шпанија, Португалија и Мароко, со три отворачки натпревари во Уругвај, Аргентина и Парагвај.
Фактот дека Светското првенство во 2030 година ќе се одржи на три континенти му овозможи на турнирот да се врати во Азија во 2034 година, а домаќин ќе биде Саудиска Арабија.
ФИФА веќе го промени форматот, со 48 екипи кои учествуваат на неодамнешното Светско првенство во САД, Канада и Мексико, пренесе „Бета“.












