Факултетот за музичка уметност – Скопје при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и Xiamen Institute of Technology (XIT) од НР Кина потпишаа Меморандум за соработка, со кој се отвораат нови можности за академска и уметничка размена, мобилност на студенти и наставен кадар, реализација на заеднички концертни, едукативни и научноистражувачки проекти.

Во рамките на меѓународната соработка, на 23 ноември, во концертната сала на Xiamen Institute of Technology се одржа концертот под наслов „Music Connects Us“ („Музиката нè поврзува“), на кој заеднички настапија македонски и кинески уметници.

Концертната програма опфати вокални и инструментални дела од македонски и кинески композитори, меѓу кои Дарија Андовска, Горан Начевски, Жао Џипинг и Сјен Сингхај, како и дела од железниот светски музички репертоар – Моцарт, Доницети, Пучини, Леонкавало, Респиги и Гуаставино. Столбовите на концертот беа македонските пијанистки Елена Атанасовска – Ивановска, раководител на Катедрата за клавишни инструменти и харфа и Марија Вршкова, продекан за концертна дејност на ФМУ – Скопје.

Веќе следниот ден, професорките Вршкова, Атанасовска-Ивановска и Здравкова-Џепароска одржаа мастеркласови по пијано односно сценски движења, а професорката Андовска одржа предавање на тема „(Why) Do We Still Need to Write New Music?” и имаше средба со тамошните композитори. Сите четири професорки беа именувани за Почесни уметници на Xiamen Institute of Technology.

Потпишувањето на Меморандумот, мастеркласовите, предавањето и реализацијата на заедничкиот концерт претставуваат значаен чекор во интернационализацијата на ФМУ – Скопје, промоцијата на македонското музичко творештво и зацврстувањето на културните и академските врски меѓу Македонија и Кина.

Музиката, како универзален јазик, уште еднаш ја потврди својата моќ да гради мостови меѓу различни култури, традиции и народи.

Посетата на НР Кина, поддржана од Амбасадата на Народна Република Кина во Македонија, ја продолжуваат деканката и продеканката за настава и наука во Пекинг, каде ќе имаат посета на Beijing Dance Academy и Beijing Conservatorio, македонската амбасада, како и средба во Министерството за култура и туризам на НР Кина.

ИЗДВОЕНИ