Мекларен отворено признава дека Ферари, во моментов, е тимот од кој најмногу може да се научи кога станува збор за развојот на болидот во Формула 1.

Иако Мерцедес ја започна сезоната 2026 доминантно според новите технички прописи, Ферари и Ред Бул, во текот на сезоната, успеаја да донесат импресивни пакети со надградби и значително да го подобрат своето темпо.

Токму развојот на Ферари го привлече вниманието во Мекларен. Тимот од Вокинг смета дека „црвените“ направиле фантастична работа со големиот број модификации и сака да открие како успеале толку брзо да ги развиваат и произведуваат новите делови.

  • Мислам дека направивме добра работа со воведувањето на подобрувањата што донесоа подобри перформанси. Но, кога ќе ги погледнете конкурентите, тимови како Ферари направија фантастична работа оваа година и успеаја постојано да го туркаат развојот напред, изјави техничкиот директор за инженерство на Мекларен, Нил Хаули.

Тој призна дека обемот на развој што го направил Ферари е нешто што Мекларен мора детално да го анализира.

  • Од перспектива на обемот на развој, навистина изгледа дека Ферари успеал да направи многу. Тоа е нешто што треба да го разгледаме и да го разбереме како успеал да го направи тоа. Не станува збор само за аеродинамиката, туку и за производството. Начинот на кој успеале толку брзо да ги направат сите тие работи е инспирација за нас, објасни Хаули.

Мекларен, според неговите зборови, сака да извлече поука од Ферари и да пронајде начини за уште побрз и поефикасен развој.

  • Бевме добри во 2024 година. Бевме добри во 2025 година. Но, како да бидеме уште подобри во 2026 и како да продолжиме да се подобруваме во 2027 година? Ако не се подобрувате и не наоѓате начини да ги правите работите побрзо и поефикасно, почнувате да заостанувате. Ова беше добра лекција за нас – да видиме што се способни другите и како можеме да го постигнеме истото, додаде тој.

Интересно е што Мекларен нема намера рано да го запре развојот на актуелниот болид и целосно да се префрли на проектот за 2027 година.

Напротив, тимот планира да продолжи со развојот на болидот за 2026 година и во втората половина од сезоната, бидејќи знаењето стекнато во текот на оваа година ќе биде исклучително важно и за следниот проект.

  • Очекуваме да донесеме некои големи иновации во следните неколку трки и очекуваме нивното воведување да продолжи доста доцна во сезоната. Дефинитивно не го запираме развојот на болидот за 2026 година, порача Хаули.

Мекларен очигледно сака да ја искористи секоја можност за напредок пред целосно да го насочи вниманието кон 2027 година.

А во тој процес, Ферари се претвори во своевиден учебник за тимот од Вокинг – како со постојани, брзи и ефикасни надградби да се направи болидот сè поконкурентен.

ИЗДВОЕНИ