среда, август 19, 2026
Дома БАЛКАН На сила нова одлука во Сплит: Ограничена продажба на алкохол

На сила нова одлука во Сплит: Ограничена продажба на алкохол

0

Одлуката за ограничување на продажбата на алкохолни пијалоци во градот Сплит во текот на ноќта стапи на сила, објавија градските власти денеска.

Со одлуката се ограничува продажбата на алкохолни пијалоци во малопродажните објекти низ целиот град од 1 јуни до 15 септември, секој ден од 21:00 до 6:00 часот наутро.

Зошто Сплит воведува забрана за продажба на алкохол навечер?

Во образложението се наведува дека мерката се усвојува „во интерес на заштитата на јавното здравје, јавниот ред, културното наследство и животната средина, со цел да се намали нарушувањето на јавниот ред, бучавата и загадувањето на јавните површини поврзани со консумирање алкохол навечер за време на туристичката сезона“.

Градот Сплит им се заблагодари на сите деловни субјекти и граѓани кои, како што истакнуваат, ќе придонесат за остварување на неговите цели со почитување на одлуката, во корист на целата локална заедница, пренесува Срна.

Сцените со пијани туристи што циркулираат на социјалните мрежи и во медиумите во последните години станаа една од препознатливите, но непожелни слики од Сплит.

Новите податоци од Сплитско-далматинскиот жупански институт за итна медицина покажуваат колку е сериозен проблемот. Само во јуни, одделот за итни случаи примил повеќе од 50 повици за пијани лица на јавни места, а како што неофицијално дознава Index.hr, во повеќето случаи станува збор за млади странски туристи.

Според овој медиум, граѓаните често ги наоѓаат како лежат на сред улицате или тротоарите во раните утрински часови, поради што ги повикуваат службите за итни случаи.

Тие додаваат дека најмногу интервенции се евидентираат за време на викендите, кога организираните тури низ баровите, познати како прошетки низ пабовите, се особено популарни, за време на кои туристите посетуваат неколку барови и консумираат поголеми количини алкохол.

ИЗДВОЕНИ