EPA/SOPHIE GARCIA

Додека Франција и Шпанија се борат со некои од најлошите пожари во поновата историја, експертите предупредуваат на необичен и невиден феномен што би можел дополнително да ги влоши ефектите од пожарите – „пирокумулонимбуси“ или „огнени облаци“.

Шумските пожари често се шират кога се комбинираат високи температури, силни ветрови и суви услови, но големите, интензивни пожари можат да создадат свои временски системи. Еден од највпечатливите примери за ова се пирокумулонимбус облаците – најтешката форма на огнен облак, формиран од пожари.

Што е „огнен облак“?

Накратко, пирокумулонимбус (pyroCb) се огромни облаци создадени од самите пожари, објаснува Гардијан.

Големите пожари ослободуваат огромни количини на енергија и топлина, кои брзо се креваат во столб од чад. Кога столбот од оган се крева доволно високо, понискиот атмосферски притисок предизвикува ладење на воздухот, предизвикувајќи кондензација на влагата и формирање облак.

Ваквите облаци можат да создадат молњи и силни ветрови, што го отежнува контролирањето на пожарот и предизвикува брзо ширење.

Ако шумскиот пожар е доволно голем и интензивен, облакот од чад што го создава може да формира пирокумулонимбусен облак, кој може да достигне висина од 10 до 15 километри и да ја пробие стратосферата.

НАСА ги нарекува „змејот на облаците што блујат оган“.

„Тоа е целосна бура што се формира во огнениот облак“, рече Рик Мекреј, вонреден професор во групата за истражување на шумски пожари на Универзитетот во Нов Јужен Велс (UNSW). „Овие облаци можат да содржат околу 10.000 кубни километри атмосфера, па затоа имаат огромно влијание“.

Зошто пирокумулонимбусните облаци се толку опасни?

Кога се формираат пирокумулонимбусни облаци, тие можат да генерираат ветрови што им овозможуваат на копнените пожари да се шират уште побрзо, а понекогаш произведуваат и свои молњи, кои потоа можат да запалат нови пожари на подалечни места.

Експертите предупредуваат дека силните ветрови можат да создадат непредвидливи модели на ширење на пожарите, ставајќи ги пожарникарите што се борат со копнените пожари во уште поголем ризик.

„Облакот е потврда дека пожарот е многу опасен“, вели Мекреј, кој работи како виш менаџер за противпожарна заштита 30 години. „Присуството на облакот потврдува дека е оправдано што се евакуираат голем број луѓе.“

Колку се чести огнените облаци?

Австралија почна да ги бележи пирокумулонимбусните облаци на почетокот на овој век, а експертите велат дека се чини дека стануваат сè почести. Тие се формирале и за време на масовните пожари во Калифорнија во 2022 година, но ова би можело да биде нова ситуација за Франција.

Доколку се потврди, ова би бил прв пат да се бележи пирокумулонимбусен облак во Франција.

„Ова е прв пат Франција експлицитно да го разгледа концептот на пирокумулонимбус“, вели Мекреј.

Зошто овие облаци се појавуваат почесто?

Климатската криза создава поопасни услови за шумски пожари низ целиот свет, но и услови што се погодни за формирање на пирокумулонимбусни облаци.

„Не станува збор само за едноставно зголемување на температурата. Ова е целосна промена на климата“, вели Мекреј. „Станува збор за промени во атмосферата, промени во временските услови на површината на земјата, промени во многу други работи.“

Експертите велат дека климатските модели покажуваат дека овие трендови ќе се интензивираат во иднина.

Пожарите во Европа избувнаа за време на врвот на туристичката сезона во регион веќе погоден од последователни топлотни бранови, бидејќи шумските површини се исушија поради недостаток на дожд од мај.

Метеоролозите предупредуваат дека нов топлотен бран би можел да ја погоди Франција од утре, со температури што ќе достигнат 40 степени Целзиусови во некои области.

ИЗДВОЕНИ