За време на својот говор пред Генералното собрание на Обединетите нации во вторникот, американскиот претседател Доналд Трамп изнесе низа неточни и погрешни тврдења – од кои многу често ги повторува за време на својот тековен втор мандат во Белата куќа.
Тврдењето на Трамп: „Имаме повеќе муниција отколку што некогаш би можеле да замислиме дека ќе искористиме, а ја произведуваме во количини какви што досега не сме виделе.“
Сепак, според претставници на американската војска, НАТО и земјите од Блискиот Исток, фактите покажуваат дека залихите на оружје се намалуваат; експертите за одбрана истакнуваат дека ќе бидат потребни години за американските воени добавувачи да ги надополнат залихите на крстосувачки ракети „Томахавк“, како и на пресретнувачките ракети „Патриот“ и THAAD.
Во август, официјални лица изјавија за „Асошиејтед прес“ (AP) дека американската војска во Европа се соочува со „повеќе од критичен“ недостиг на напредни пресретнувачки ракети – што во голема мера е последица на конфликтот на Трамп со Иран – што предизвика загриженост за ранливоста на земјите од НАТО пред евентуален руски напад.
„Соединетите Држави имаат доволно муниција за секое веројатно сценарио во војна со Иран, но исцрпените залихи создадоа ранливост во случај на потенцијален конфликт во Западниот Пацифик. Затоа, времето потребно за надополнување на тие залихи стана главна причина за загриженост“, се наведува во извештајот на Центарот за стратешки и меѓународни студии од мај.
Тврдење: „Кога ќе ги споите Соединетите Држави и Венецуела, поседуваме повеќе од 60 проценти од светските залихи на нафта.“
„Асошиејтед прес“ изнесува факти кои покажуваат дека – дури и ако се земат предвид идните инвестиции – нивните комбинирани ресурси би изнесувале само околу 22 проценти од глобалните резерви на нафта, кои вкупно изнесуваат речиси 1,6 трилиони барели.
Според Статистичкиот билтен на ОПЕК, глобалното производство на сурова нафта во 2025 година изнесувало нешто повеќе од 27 милијарди барели. Во 2025 година, САД произвеле речиси пет милијарди барели сурова нафта, додека производството на Венецуела изнесувало 394 милиони барели. Заедно, овие две земји произвеле речиси 19,6 проценти од светската сурова нафта.
Тврдење: „Соединетите Држави извршија десетици напади врз пловните објекти на нарко-картелите, уништувајќи 97 отсто од дрогата што пристигнува преку океаните и морињата.“
Сепак, АП забележува дека експертите посочуваат оти не може да се утврди точна бројка бидејќи е невозможно да се знае колкав дел од дрогата останал незапленет.
Податоците од Агенцијата за царина и зашита на границите на САД во врска со запленувањето дрога покажаа дека обемот на запленета дрога во крајбрежните и внатрешните области (вклучувајќи го отвореното море и крајбрежните води) во ноември 2025 година бил за 98,2 отсто помал отколку во јули истата година. Сепак, ова не служи како мерило за вкупната количина на шверцувана дрога.
Тврдење: „Денес работат многу повеќе Американци отколку кога било претходно.“
АП претставува податоци кои укажуваат дека, иако е точно оти „денес работат многу повеќе Американци отколку кога било претходно“, тоа тврдење бара контекст.
Економијата создава нови работни места речиси секој месец, па бројот на вработени лица во САД постојано достигнува нови рекорди. Бројот на работни места во САД пораснал во 65 од последните 80 години.
Тврдење: „Откако ја презедов функцијата, создадовме повеќе од еден милион нови работни места во приватниот сектор.“
Вкупно 807.000 работни места се создадени во САД од почетокот на вториот мандат на Трамп – што е блиску до неговото тврдење за еден милион работни места, забележува АП. Сепак, според историските стандарди, ова не е особено голем пораст.
Тврдење: „Откако ја презедов функцијата, за мене беше голема чест да ставам крај на осум војни.“
АП пишува дека, иако Трамп помогнал во посредувањето на односите меѓу многу нации, неговото влијание не е толку недвосмислено како што тој го претставува.
Во најмалку два случаи на мир за кои тој си припишува заслуги, воопшто немало војни што требало да се завршат. Покрај тоа, тој го иницирал тековниот конфликт меѓу САД и Иран.
Тврдење: „Обезбедивме ветувања за нови инвестиции во вредност од 21 трилион долари од целиот свет.“
АП наведува дека оваа бројка изгледа „претерана, крајно шпекулативна и далеку повисока од реалниот вкупен износ на сите домашни и странски инвестиции во САД“.
На веб-страницата на Белата куќа е наведена значително помала бројка – 11,2 трилиони долари – и се чини дека таа ги вклучува ветувањата за инвестиции дадени на Соединетите Држави за време на администрацијата на претходниот претседател, Џо Бајден.












