Формула 1 би можела наскоро да се врати во Јужна Африка откако извршниот директор на најбрзиот циркус, Стефано Доменикали, откри дека се одвиваат преговорите во многу добра насока. Доколку биде постигнат договор, Ф1, по пауза од повеќе од три децении, повторно ќе има трка на африканскиот континент. Последен пат Големата награда на Јужна Африка се возеше на легендарната патека „Кјалами“, во 1993 година. Патеката, која се наоѓа во северниот дел на Јоханесбург, повторно би можела да биде дел од календарот, иако интерес за организација на трка имаат и Мароко и Руанда.

  • Преговорите одат многу добро – изјави Доменикали, кој потврди дека Африка е сериозна опција за иднината на Формула 1.

Луис Хамилтон, исто така, јавно изрази желба Ф1 повторно да се вози на африканскиот континент.

Во меѓувреме, календарот на Ф1 продолжува да се шири. Турција ќе остане во календарот најмалку до 2032 година, додека Портимао има договор до 2029 година.

Враќањето на Јужна Африка би било едно од најголемите освежувања на календарот во последниве години.

ИЗДВОЕНИ