Сифилисот се шири брзо во Унгарија. Од оваа сексуално пренослива болест во таа држава годинава починаа 31 дете и фетуси.
Националниот центар за јавно здравје и фармација објави дека до 12 ноември се регистрирани 144 случаи на конгенитален сифилис, од кои 31 биле фатални. Дваесет и шест фетуси починале во матката, а пет бебиња починале по раѓањето како резултат на инфекцијата. Само во последните три месеци се регистрирани 747 нови случаи на сифилис – 516 во внатрешноста на земјата и 231 во Будимпешта. Сифилисот моментално е најбрзорастечката сексуално пренослива болест во Унгарија.
Податоците покажуваат исклучително брз раст на бројот на заразени лица. Бројот на пријавени случаи на сифилис во Унгарија скокна од 777 во 2020 година на 2.462 во 2025 година. Според податоците од Европскиот центар за превенција и контрола на болести, стапката на инфекција во Унгарија е шестпати поголема отколку во Романија.












