четврток, јуни 4, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА „ЕВРОСТАТ“ СО ПОРАЗИТЕЛНИ ПОДАТОЦИ ЗА НАМАЛЕНИОТ НАТАЛИТЕТ: Европа старее, Македонија се празни...

„ЕВРОСТАТ“ СО ПОРАЗИТЕЛНИ ПОДАТОЦИ ЗА НАМАЛЕНИОТ НАТАЛИТЕТ: Европа старее, Македонија се празни – сè помалку бебиња, сè повеќе аларми

Според објавените податоци, во европските земји преклани се родиле 3,55 милиони деца, што е двапати помалку отколку пред шест децении, додека во Македонија намалувањето е речиси четирикратно – од 50.000 родени бебиња на околу 15.000-16.000. Според демографските експерти, намалувањето на бројноста на женското фертилно население поради иселувањето и одлуката да се раѓа првпат на сè поголема возраст се главните причини за намалувањето на бројот на новородени деца. – Македонија ја подготвува својата демографска стратегија, која ќе ја објавиме набрзо, во следниве два месеци – најавува владиниот координатор за демографија, Владимир Ѓорчев

1510

Европското и македонското население исчезнуваат бидејќи има сè помалку новороденчиња, а сè повеќе умирање, иселување и други неповолни демографски трендови. Ваквото алармантно сознание одново излезе на виделина откако денеска „Евростат“ објави податоци за бројот на новороденчиња во европските земји, но и за Македонија, а кои се однесуваат на 2024 година.

– Во Европската Унија, во 2024 година се родиле 3,55 милиони бебиња, што е намалување од 3,3 % во споредба со 2023 година, додека вкупната стапка на фертилитет за 2024 година изнесува 1,34 живородени деца по жена во ЕУ, што е намалување во споредба со 1,38 во 2023 година. Во Македонија, стапката на фертилитет во последните десет години, исто така, се намалува и се движи од 1,52 во 2004 и 2014 до 1,49 во 2023 и 1,44 живородени деца по жена во 2024 година. Ваквата стапка на фертилитет е значително под нивото од 2,1 живородени деца по жена потребно за природна обнова на населението, со што Европа и нашата земја веќе влегуваат во сериозни демографски предизвици – се наведува во објавата на „Евростат“.

Тогаш, пред две години, во Македонија вкупно беа родени 16.061 деца, со што продолжи намалувањето на бројот на новороденчиња во новите и новите генерации население во земјава. Тој надолен тренд практично трае цели 70 години и никако да се запре. Така, на пример, ако во 1950 година во Македонија имало над 50.000 новородени бебиња, бројот во 1994 година опаднал на 31.421, во 2010 година на 24.296, во 2020 – 19.167… Но, најлоша состојба се бележи од 2021 година, кога имаше 18.648 новороденчиња, па 18.183 новороденчиња во 2022, 16.859 во 2023. Најлоши резултати биле забележани лани, кога во породилиштата во земјава дошле на свет рекордно мал број бебиња – само 15.531! Ако се додаде на ова дека лани имало 19.921 умрено лице, тогаш излегува дека само лани населението во земјава се намалило за 4.381 лице, како да исчезнал цел еден помал македонски град.

Сè помалку и сè постари мајки

Ако е за некоја утеха, во најголемиот дел од европските земји има намалување на бројот на новороденчиња, односно има намалена стапка на фертилитет. Пред две години, на ниво на ЕУ, најниска стапка на фертилитет во 2024 година имала Малта – 1,01, а највисока Бугарија 1,72. Во Франција била 1,61, во Словенија 1,52, во Шпанија 1,10, во Литванија 1,11…

– Македонија се наоѓа во демографска рецесија, која трае веќе 75 години. Во 1950 година имало 50.000 родени бебиња во многу потешки услови, а денес бројот е околу 15-16.000. Слични се трендовите и во цела Европа и во развиените земји како Јапонија, Јужна Кореја, Сингапур итн. Големо намалување на фертилитетот и на наталитетот се бележи во САД, Австралија и во Канада, како и во Латинска Америка. Сите балкански земји се силно погодени од депопулацијата последниве децении и затоа демографијата ќе биде важно прашање за цела Европа – вели Владимир Ѓорчев, национален координатор за демографија, млади и човечки ресурси, за весникот ВЕЧЕР.

Намалувањето на бројот на новороденчиња најчесто се врзува за намалувањето на бројот на население преку иселувањето, поголемата стапка на смртност на населението отколку на раѓање, како и за сè поголемата возраст на жените на која ги раѓаат тие првите деца.

– Просечната возраст на жените при раѓањето на своето прво дете, во ЕУ, во 2024 година, била 29,9 години и се движела од 26,9 во Бугарија до 31,9 во Италија. Во Македонија, жените го раѓаат првото дете, во просек, на 27,8 години. Во 2014 година, на пример, жените, во просек, го раѓале првото дете на 26,6 години, а во 2004 – на 25 години. Со сето тоа, биле родени речиси два пати помалку деца во ЕУ во 2024 година, кога имало 3,55 милиони деца, отколку пред шест децении – се наведува во анализата на „Евростат“.

Меѓу два пописи, иселени околу 80.000 жени

Според македонските демографски експерти, за падот на бројот на новороденчиња во демографска смисла одговорни се два главни фактори. Првиот е промената во бројноста на женското фертилно население, кое во демографска смисла ги вклучува сите жени на возраст од 15 од 49 години. Јане Крстевски, социолог и демографски експерт, наведува дека најдобро се гледа тоа кога ќе се споредат пописните резултати.

– Фрапира податокот дека женското население на возраст од 0 до 29 години, кое на пописното пребројување во 2002 година имаше бројност од 440.681 лице, потоа значително се намали. Така, на пописот во 2021 година, кога имале овие лица од 20 до 49 години, нивниот број изнесуваше само 360.109. Практично, со една ваква груба споредба се покажува дека недостигаат 80.572 жени што се во фертилен период, односно дека не се во земјава. Ако знаеме дека е низок морталитетот на оваа возраст, тогаш со сигурност може да се претпостави дека, во периодот помеѓу двата пописи, од земјава се иселиле околу 80.000 жени што можеле да раѓаат деца – наведува Крстевски за весникот ВЕЧЕР.

Тој додава дека како втор фактор за сè помалиот број новороденчиња може да се наведе одложувањето на раѓањето на првото дете, односно сè поголемата возраст на мајките.

– Ваквата ситуација го намалува временскиот период што го имаат на располагање жените за да родат второ, трето, па и повеќе деца пред да се соочат со одредени попречувања предизвикани од нивната возраст. Од социолошки аспект, објаснувањето на падот на бројот е многу посложено, бидејќи одлуката да се роди дете или колку деца да се родат е условена од социополитичките случувања во кои треба да ги одгледува жената. Ако сакаме прецизно да се лоцираат сите тие фактори, потребно е да се изработи одржливо решение како да се надмине оваа состојба со намалување на бројот на новороденчиња – потенцира овој експерт.

Наскоро нова стратегија

Во изминативе години, различните владини гарнитури презедоа најразлични мерки со цел да се стимулира поголем наталитет. Се даваа надоместоци за прво, второ, трето дете, се даваа најразлични олеснувања за младите брачни двојки, се интензивираше градењето детски градинки… но, сепак, некој значителен пресврт сè уште нема. Македонскиот премиер, Христијан Мицкоски, минатата година изјави дека поголемиот наталитет е патриотски чин.

– Формирањето семејство, формирањето многудетно семејство е највисок патриотски чин на еден народ за сопствената татковина, без разлика на етничката, на верската припадност. Многудетното семејство значи иднина. Ако сакаме да имаме иднина, ако сакаме да имаме држава, тогаш семејството е одговорот на овој предизвик. Демографската рецесија не е нов феномен, таа трае повеќе од 70 години. Има две главни причини: прво, иселувањето на младите луѓе и второ, намалените наталитет и фертилитет. Владата е свесна за сериозноста на ова прашање и веќе работи на неколку линии – порача тогаш Мицкоски на настанот врзан за демографските трендови во земјава, потенцирајќи дека се создаваат услови за нови работни места, поголеми плати и поголеми можности за младите.

Националниот координатор, Ѓорчев, наведува дека наскоро би можело да се очекува објавувањето на новите мерки.

– Македонија ја подготвува својата демографска стратегија, која ќе ја објавиме набрзо, во следниве два месеци – најави тој. (Б. Ѓ.)

Со прогнозите, до 2070 година не се очекува значаен пресврт

Значителни промени во стапката на фертилитет во земјава не се очекуваат ниту со документот „Проекции на населението на Македонија до 2070 година“, кој во 2023 година ги изработи Државниот завод за статистика. Таму се разработени повеќе хипотези како би се движела стапката на фертилитет. Така, според хипотезата за низок фертилитет, стапката што била предвидена за 2025 година, на 1,5, во 2070 година би изнесувала 1,31. Со хипотезата за висок фертилитет, таа стапка би изнесувала 2,03, што е, сепак, малку.

ИЗДВОЕНИ