Лидерите на Европската Унија подготвуваат потенцијални разговори со рускиот претседател Владимир Путин, изјави претседателот на Европскиот совет, Антонио Коста, нагласувајќи дека „постои потенцијал“ ЕУ да одржи разговори со Путин и дека ЕУ има поддршка од украинскиот претседател Володимир Зеленски за тоа.
„Разговарам со 27-те лидери на ЕУ за да видиме како најдобро да се организираме и да идентификуваме што ни е потребно за ефикасно да разговараме со Русија кога ќе дојде вистинското време“, рече Коста, пренесува „Фајненшл тајмс“. Коста додаде дека на самитот на лидерите на ЕУ минатиот месец, Зеленски побарал од лидерите да „бидат подготвени позитивно да придонесат во преговорите“.
Според него, Брисел ќе избегне нарушување на мировниот процес предводен од американскиот претседател Доналд Трамп. Тој додаде дека засега нема сигнал од Кремљ дека Путин е подготвен да разговара со кој било претставник на блокот.
„Да, постои можност за преговори со Путин. Но, досега никој не видел никаков знак од Русија дека сака ефикасно да се вклучи во сериозни преговори“, рече Коста. Некои лидери на ЕУ, вклучувајќи го и белгискиот премиер Барт де Вевер, ја покренаа можноста за обид за отворање канал за разговори со Кремљ, но други велат дека нема консензус меѓу 27-те лидери за тоа кој треба да биде назначен да зборува во име на блокот, кога треба да се преземе таков напор и каков би бил ставот кон Путин, објавува „Фајненшл тајмс“.












