Eкипите на јавното претпријатие „Комунална хигиена“ во текот на изминатата седмица подигнале и транспортирале 3.500 тони комунален отпад од домаќинствата и правните субјекти на територијата на градот Скопје.
Во истиот период биле отстранети 850 кубни метри непрописно одложен кабаст и градежен отпад од јавни и сообраќајни површини во сите скопски општини.
– Најголемо количество непрописно одложен отпад е подигнато во општината Центар, каде што се расчистени вкупно 190 кубни метри отпад од диви депонии – информираа од претпријатието.
Екопатролата на ЈП „Комунална хигиена“, минатата недела, изготвила 20 записници за лица и правни субјекти затечени при кршење на Законот за јавна чистота. Најголем број на записници – вкупно 14, биле врачени на територијата на општина Чаир.
Од ЈП „Комунална хигиена“ велат дека континуирано реализираат активности за одржување на јавната хигиена на скопските булевари и улици преку машинско миење со употреба на автоцистерни, што се одвива во доцните вечерни часови.
– Секојдневно, во три смени, се спроведува миење и метење и на плоштадите и пешачките мостови во централното градско подрачје, пешачките патеки и тротоарите на мостовите „Гоце Делчев” и „Слобода”, како и Старата скопска чаршија – соопштија од претпријатието
Во текот на изминатиот викенд, екипите на ЈП „Комунална хигиена“ учествувале и во акција за чистење на подвозникот на булеварот „Гоце Делчев“, под стоковната куќа „Мост“, координирана од Град Скопје.












