Македонија мора да ги прифати предизвиците на новото време и да се насочи кон дигитализација и примена на вештачката интелигенција, како предуслови за економски развој и модернизација на општеството. Ова го истакна вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, на конференцијата за дигитална трансформација во организација на Американската стопанска комора во Македонија (АмЧам).

Според Николоски, дигиталната трансформација не е само технолошка промена, туку можност за поефикасни институции, подобри јавни услуги, поголема безбедност во сообраќајот и создавање услови за економски просперитет. Тој посочи дека забрзаниот технолошки развој веќе го менува функционирањето на бизнисот, институциите и општеството, нагласувајќи дека Владата работи на конкретни проекти за дигитална трансформација на државата, во рамки на стратегијата „Смарт Македонија 2030“.

– Одлучивме Македонија да ја развиваме, да ја движиме напред и мора да ги прифатиме предизвиците на новото време – порача Николоски.

Меѓу клучните проекти е изградбата на првиот национален податочен центар, кој треба да започне следната година. Тој истакна дека во моментов се спроведуваат потребните процедури за урбанизација и подготовка на документацијата. Како што истакна Николоски, целта е сите државни институции да бидат поврзани во единствен систем, со што ќе се надмине сегашната фрагментираност на податоците и инфраструктурата.

Дополнително, во напредна фаза е и подготовката на национален едношалтерски систем, кој ќе функционира како централизирана дигитална платформа преку која институциите ќе можат заеднички да ги обезбедуваат своите услуги. Значајни промени се најавуваат и во патната инфраструктура. Николоски најави воведување нов систем за електронска наплата на патарините, при што користењето на автопатиштата ќе се наплаќа според изминатите километри, наместо преку постојните наплатни станици. Првата примена на овој модел е планирана на автопатот Охрид – Кичево, чија изградба, според најавите, треба да заврши до крајот на мај 2027 година.

Воедно, тој потсети дека Владата работи и на воведување интелигентни транспортни системи, за што се подготвуваат измени на пет закони. Станува збор за законски решенија во надлежност на Министерството за транспорт, Министерството за внатрешни работи и Министерството за локална самоуправа. Николоски истакна дека со поддршка на Светската банка веќе е потпишан договор за имплементација на интелигентни транспортни системи на Коридорот 10, на потегот од Табановце до Гевгелија. Нивното воведување се очекува кон крајот на 2027 или почетокот на 2028 година.

 

ИЗДВОЕНИ