вторник, јули 28, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА ЕПИДЕМИЈАТА СЕ СМИРУВА, НО ВОДАТА СЕ УШТЕ НЕ Е ЗА ПИЕЊЕ :...

ЕПИДЕМИЈАТА СЕ СМИРУВА, НО ВОДАТА СЕ УШТЕ НЕ Е ЗА ПИЕЊЕ : Гостивар под миниторинг, се следи појава на хепатит

17

Иако бројот на новозаболени во Гостивар постепено се намалува, здравствените власти предупредуваат дека епидемијата сè уште не е целосно завршена. Министерот за здравство Сашо Клековски соопшти дека во последното деноноќие се регистрирани 109 нови први прегледи, додека во последните четири дена бројот на нови случаи се движи меѓу 80 и 125 дневно.

„Во овој момент не можеме да кажеме колку од тие случаи се редовна состојба, а колку се поврзани со епидемијата. За да го утврдиме тоа мора да се направат епидемиолошки анкети“, изјави Клековски. Во просек, во јули во Гостивар во изминатите десет години биле пријавувани околу 25 заразни заболувања, поради што во наредниот период ќе се прави разграничување меѓу вообичаените сезонски случаи и оние што се последица на епидемијата. Според министерот, досега се регистрирани 869 формални пријави за заразна болест, а епидемиолошки се обработени 602 случаи.

Иако акутната фаза на епидемијата се смирува, Министерството за здравство, во консултација со Комисијата за заразни болести, воведува засилен надзор во постепидемискиот период. Фокусот ќе биде ставен на навремено откривање на хепатит А, хепатит Е и други заразни заболувања кои би можеле да се појават по епидемијата.

„Ќе бидат испратени соодветни упатства до Центарот за јавно здравје, здравствените установи и матичните лекари. Клучно е раното препознавање на евентуалните нови случаи за здравствениот систем навреме да реагира“, рече Клековски.

Паралелно со следењето на состојбата, Министерството за здравство ќе спроведе и детална евалуација на текот на епидемијата. Ќе се анализираат податоците од системот за пријавување заразни болести и евиденцијата во „Мој термин“ за периодот од 1 јуни, со споредба со просечните вредности од претходните 12 години. Целта, според Клековски, е објективно да се оцени како функционирал системот и да се извлечат поуки за справување со идни слични ситуации.

Инаку, водата во Гостивар ќе може повторно да се користи за пиење кога ќе има три последователни негативни тестови од испитаните примероци. Засега таа е прочистена само за лична хигиена. (П. А.)

 Забранета водата во прилепските Ореовец и Леништа

 Општина Прилеп ги предупреди жителите на селата Ореовец и Леништа дека водата од локалните јавни чешми не е здравствено исправна, откако лабораториските анализи покажале присуство на бактерии, поради што се препорачува посебна претпазливост. Според соопштението, водата од локалниот водоснабдителен систем во Ореовец, односно од јавната чешма во центарот на селото, содржи „бактерии од цревно потекло и зголемен број бактериски колонии на 37 степени“. Поради тоа, водата не смее да се користи за пиење без претходно вриење во траење од најмалку 10 минути. Во селото Леништа, пак, анализите на водата од јавната чешма во центарот на селото покажале присуство на цревни бактерии, како и зголемен број бактериски колонии на 22 и 37 степени. За оваа вода надлежните препорачуваат воопшто да не се користи за пиење. Од Општина Прилеп посочуваат дека за двата водоснабдителни објекта е неопходно да се обезбеди соодветно техничко решение кое ќе овозможи редовна дезинфекција на водата, со цел таа повторно да биде безбедна за употреба.

Во меѓувреме водата во Крушево е повторно  исправна за пиење, a Агенцијата за храна и ветеринарство ја повлече забраната бидејќи три последователни испитувања потврдиле дека е чиста.

Состојбата на забрана на голем број на градски и селски чешми се случува по епидемијата во Гостивар поради труење од водата за пиење. Општините почнаа да прават редовни контроли и излезе дека многу од нив не се безбедни, содржат или метали или бактерии.

 

ИЗДВОЕНИ