четврток, септември 3, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА ЕНИГМИ СО БРОЈНОСТА И АЖУРИРАЊЕТО НА ЧЛЕНСТВОТО: Партиските книшки и пристапници преполни...

ЕНИГМИ СО БРОЈНОСТА И АЖУРИРАЊЕТО НА ЧЛЕНСТВОТО: Партиските книшки и пристапници преполни со интереси

Прашањето за тоа колку членови имаат партиите во земјава е едно од најстрого чуваните во политичките партии. Односно, јавноста сосема ретко добива информации околу тоа која партија колку официјални приврзаници има. Социолозите оценуваат дека често варира бројот на членови на одредена политичка партија и дека е најдиректно врзано со тоа дали е партијата на власт или во опозиција и од можноста граѓаните да остварат свои лични цели преку партиската книшка

0

Зголемување или намалување на бројот на членови е дилема што секогаш ја повлекува процесот на ажурирање на најлојалните приврзаници, но и запишувањето нови од страна на политичките партии. Во таков внатрепартиски процес, завчера, тргна владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ и според објавите, членството и партиските функционери уште првите денови побрзале да си ја исполнат обврската. Рокот е до крајот на ноември, што значи дека по неговиот истек, детално ќе се знае со колкаво членство располага ВМРО-ДПМНЕ. Се разбира, доколку и официјално биде соопштено тоа на крајот од процесот.

Од оваа партија вчера ни изјавија дека станува збор за исполнување на обврската од партискиот Статут, кој бара ажурирање на членството на секои четири години, поради можните промени на адресата, телефонските броеви, преквалификациите или стекнувањето  дополнително образование. Новина сега е што за ажурирањето се воведува и дигитален начин на зачленување и ажурирање. Но, нашето прашање за тоа колку членови досега има партијата вчера остана без одговор.

Мистерии околу бројките

Всушност, прашањето за тоа колку членови имаат партиите во земјава е едно од најстрого чуваните во политичките партии. Односно, јавноста сосема ретко добива информации околу тоа која партија колку официјални приврзаници има. Откако ќе се исполни главниот законски услов за судска регистрација на партиите со пристапници на 1.000 граѓани, потоа останува непознато колкаво членство се има. Односно, тие податоци се сметаат за внатрепартиска сопственост и често се користат за политички маркетинг. Во јавноста досега се појавуваа најразлични процени околу тоа колкаво членство имаат политичките партии. Па така, кога станува збор за најголемите политички партии, се оперираше со бројки од 80.000, па сè до 120.000 члена, додека за средните се наведуваше дека имаат од 20.000 до 40.000, а за помалите од неколку илјади, па до околу 10.000 члена. Но, такви потврди од партиите со кои вчера контактиравме не добивме.

Политичките аналитичари одамна укажуваат дека често варира бројот на членови на одредена политичка партија и дека е најдиректно врзано за тоа дали е партијата на власт или во опозиција.

– Конкретно, интересот на граѓаните да остварат некоја цел, според мое мислење, е најголемата причина за тоа зошто влегува некој наш граѓанин во партиски редови. Не се работи тука за идеолошки мотиви, туку за најпрагматични. Ние одамна сме длабоко политизирано и партизирано општество и политичката и партиската припадност е навлезена речиси во сите пори на општеството. Оттаму, не зачудува кога масовно пристапуваат или излегуваат граѓаните од редовите на некоја партија. Тоа е најдиректно врзано за процената на граѓаните што може да добијат од членувањето во некоја од партиите – оценува универзитетскиот професор и социолог Ѓорѓи Тоновски во изјавата за весникот ВЕЧЕР.

Изборни приливи и одливи

Приливот на нови членови или нивното ретчење во предизборните периоди или во периодите непосредно по изборите, нашите политички партии го почувствувале во повеќе изборни циклуси. Во јавноста се паметат изјавите на некои лидери што отворено признаваа дека по изборниот пораз, партиските централи со месеци биле празни и ретко доаѓале членовите и симпатизерите во нив. За ова, индикативен е, на пример, случајот со сегашната опозициска партија СДСМ. Така, на пример, функционерите на оваа партија, во март 2021 година, додека беа на власт и во пресрет на тогашното гласање за избор на партискиот лидер Зоран Заев, изјавуваа дека партијата има околу 70.000 члена, за потоа во декември таа година за избор на новиот лидер Димитар Ковачевски да гласаат дури 18.000 активни партиски члена помалку – 51.228. Четири години подоцна, во април 2025 година, за изборот на новиот лидер Венко Филипче се изјасниле 23.720 члена на оваа партија, што е за неколку пати помалку откако беше партијата на власт.

Според социологот Тоновски, и тоа покажува каков е односот на членството кон сопствената партија, односно процената дали може преку одредена партија да се дојде до одредена цел.

– Кога е партизирано општеството, граѓаните проценуваат преку која партија може да си го остварат личниот интерес на разни полиња. А меѓу тие лични интереси, водечки е интересот да се добие добро вработување, а потоа и други нешта. Ова е главниот мотив, иако во партиските редови ќе најдете и такви што искрено припаѓаат на одредена идеологија. Дури кога ќе се смени амбиентот, кој сега го диктираат големите партии преку кои оди остварувањето лични интереси на граѓаните, тогаш е можно да се дојде во некоја нормална ситуација во поглед на прашањето колку членови треба да имаат нашите партии. Јас сум на мислење дека ваквиот амбиент од две големи партии е веќе надминат и дека требаат нови форми. Тоа го потврдуваат и примерите во повеќе европски земји, во кои нови политички сили победуваат на изборите – потенцира Тоновски.

И досегашните анкетни истражувања потврдуваат дека македонските граѓани се мошне заинтересирани за членување во некоја политичка партија. Компаративното истражување на изборните системи во Македонија, спроведено од Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје, лани покажа дека секој наш седми граѓанин има некоја партиска книшка, односно 13,3 отсто од нив. Тоа не е многу помалку од 2017 година, кога биле 13,6 проценти, додека просекот во земјите во ЕУ е од 3 до 5 проценти. Но, со ваквиот процент, Македонија предничи и во балканскиот регион, бидејќи, на пример, ваквото истражување во Хрватска покажало дека партиски книшки имаат 8,8 проценти од граѓаните, односно речиси секој дванаесетти граѓанин. Македонскиот просек е поголем и од оној што го имала тогашната единствена партија во поранешната заедничка држава Југославија, Сојузот на комунистите. Во 1981 година, на пример, оваа партија имала 2,1 милион членови, односно 9,5 проценти од вкупното население, а во Македонија процентот бил 7,8.

И тогаш авторите на истражувањето оценија дека тоа покажува дека често се користи партиското членство како услов за доаѓање до некоја материјална бенефиција. Притоа, партиите стратешки регрутираат членови како дел од клиентелистичката трансакција во која секој добива нешто: партиите бројно членство, повеќе гласови на изборите… а граѓаните сакаат да обезбедат егзистенција преку вработување или да остварат некое друго право.

Паралелно со ова, во земјава расте и бројот на политички партии. ВЕЧЕР неодамна објави дека според податоците од Основниот граѓански суд – Скопје, бројот на партии расте – од 62 во 2023 година на 64 во 2024 година и 69 во 2026 година, со тенденција за понатамошно зголемување.  (Б. Ѓ.)

ИЗДВОЕНИ