Од Секторот за локален економски развој во Општина Куманово информираа дека понудените изработки треба да исполнуваат повеќе одлики и со автентичните трудови да придонесат кон креирањето производ што ќе го отсликува карактерот на градот, во насока на зголемена промоција
Општина Куманово објави повик за избор на сувенир на градот. Од Секторот за локален економски развој во Општина Куманово информираа дека заинтересираните правни и физички лица можат да аплицираат за изработка на сувенир.
Понудените изработки треба да исполнуваат повеќе одлики и со автентичните трудови да придонесат кон креирањето производ што ќе го отсликува карактерот на градот, во насока на зголемена промоција.
Како што наведуваат од Секторот за економски развој, Општината на овој начин поддржува идеи и автентични трудови.
Притоа, потенцираат дека сувенирот мора да ги содржи елементите на препознатливост и да ја отсликува традицијата и културно-историските, духовни, материјални и природни богатства на градот Куманово, да биде адаптиран за масовно производство и наменет за туристичка промоција на градот.
– Сувенирот треба да биде изработен од материјал, големина и боја според замислата на авторот, да се користат стабилни и еколошки прифатливи материјали, керамика, камен, метал, дрво, стакло, глина, гипс, текстил и други. Самата идејна концепција, развојот и начинот на изработка на сувенирот, техничките услови за изработка и материјалот од кој е изработен треба да бидат текстуално образложени – велат од Секторот за локален економски развој.
Наградата „Сувенир на Општина Куманово“ е една и изнесува 150.000 денари, со вклучен данок на додадена вредност.
– Првиот дел во износ од 30.000,00 денари ќе биде наменет за добитникот, за мотивација и за вложениот труд. Вториот дел од наградата, добитникот на наградата, во меѓусебно потпишан договор со Општина Куманово, зависно од проценетата вредност на трудот, должен е да ѝ достави одредена количина од сувенирот на Општина Куманово, во износ од 120.000 денари – наведуваат од Општината.
Крајниот рок за доставување на трудовите е 30 септември (среда) 2026 година, до 15:00 часот. Изработениот сувенир, заедно со текстуално образложение на идејната концепција, опис на материјалот од кој е изработен сувенирот и проценета вредност за еден примерок од трудот во денари, со вклучен данок на додадена вредност, треба да се достави во затворен плик (кутија), на адреса: Општина Куманово, „11 Октомври“, бб.
За сувенир на Општина Куманово, Општина Куманово формираше комисија што ќе одлучува врз основа на горенаведените критериуми и ќе ги објави резултатите најдоцна во рок од 15 дена од завршувањето на постапката.
Инаку, за сувенир на Куманово во 2025 година беше избрано креативното уметничко дело на авторот Стојан Трајковиќ, со мотив „Куманово – град на традицијата и единство“.












