Германската Влада ги повика европските партнери да воведат построги ограничувања за туристичките патувања на руски граѓани во Европската Унија, објави ДПА.
„Бројот издадени визи од типот Ц за руски граѓани кои сакаат туристички да престојуваат во Европската Унија е премногу висок“, изјави вчера портпарол на германското Министерство за надворешни работи во Берлин.
Тој потсети на договорот постигнат во рамки на ЕУ во 2022 година, според кој земјите-членки треба заеднички да работат на намалување на бројот издадени краткорочни визи од тој тип.
Истовремено тој посочи дека договореното се применува „со различен степен на строгост во различни земји“.
„Целта е во ЕУ да можат да влегуваат само лица кои не претставуваат закана“, додаде портпаролот.
Германската Влада вчера ја обвини Русија за неуспешниот напад со дрон врз аеродромот во Лајпциг и најави контрамерки.
Портпаролот на Министерството за надворешни работи ја објасни и одлуката за прекин на работата на Рускиот културен институт во Берлин, познат како Руски дом.
„Веќе го доставивме известувањето за прекин на работата“, рече тој. Според него, институтот ќе престане да работи во средината на следната година, а сите руски вработени во институтот ќе мора да ја напуштат Германија, заедно со вработените во рускиот Генерален конзулат во Бон.
Заменик-портпаролот на германската Влада, Штефен Мајер, изјави дека Берлин е подготвен за евентуална реакција од Москва на мерките најавени претходниот ден.
„Во исто време, сметаме дека Кремљ јасно и недвосмислено ја разбрал вчерашната порака. Овие хибридни напади не ја постигнуваат својата политичка цел. На крајот, Русија само си нанесува штета себеси“, рече Мајер.












