В сабота, во Скопје, ќе се одржи 32. Државен натпревар по прва помош, чиј домаќин ќе биде Црвениот крст на град Скопје.
Свеченото отворање ќе се одржи на бината на плоштадот „Македонија“, со почеток во 10:30 часот. Натпреварувачкиот дел започнува во 11:00 часот, додека прогласувањето на победници ќе биде во 16:15 часот.
– На натпреварот ќе учествуваат 10 екипи од 10 општински организации на Црвениот крст, кои обезбедија најдобар пласман на регионалните натпревари. Натпреварувачкиот дел ќе се одвива на 10 бази – пет бази за прва помош и пет бази со забавен и интерактивен карактер, на повеќе локации во централното градско подрачје: Музејот на холокаустот, кејот на реката Вардар, Жена парк, Порта Македонија и Рекорд – соопштија од Црвениот крст на град Скопје.
Оттаму додаваат дека државниот натпревар по прва помош е можност да се прикажат стекнатите знаења и вештини на младите, но и да се промовираат солидарноста, хуманоста, тимската работа и подготвеноста за помош во заедницата.
Од Црвениот крст ги покануваат граѓаните да се придружат на 26 септември на плоштадот „Македонија“ и да ги поддржат екипите на Државниот натпревар по прва помош.












