Според заменик-министерот за финансии, Николче Јанкуловски, Владата внимателно и одговорно управува со јавниот долг и навремено ги сервисира наследените обврски, во услови кога државата се соочува со значајни достасувања на долгови од претходните години.
– Минатата година беше реализирана отплата на еврообврзница од 500 милиони евра, а оваа година достасува еврообврзница од 700 милиони евра. Половина од таа обврска веќе е сервисирана, а остатокот ќе биде исплатен во текот на јуни 2026 година. Од 2026 до 2031 година, Владата треба да сервисира околу 9 милијарди евра наследени обврски од претходната Влада, по основ на главнина и камата, при што управувањето со јавниот долг бара особена внимателност, особено кога нивото се движи блиску до психолошката граница од 60 % од БДП – кажа Јанкуловски во Собранието, одговарајќи на пратеничко прашање.
Тој појасни дека од втората половина на 2024 година до првиот квартал на 2026 година, само за сервисирање на еврообврзници биле обезбедени 1,2 милијарди евра.
– Тоа е само главнината и само дел од наследените обврски. Дополнително постојат и други финансиски обврски поврзани со проекти и задолжувања на домашниот пазар. Владата обезбедува средства не само за сервисирање на долговите туку и за поддршка на економијата и за инвестиции во општините – рече Јанкуловски.
Во последните шест квартали, БДП растел просечно по околу 3,5 %, што, според него, е сигнал дека економијата се движи напред, дека се зголемува економската активност и дека е надграден растот со инвестиции и фискална стабилност. Тој потсети дека односот меѓу јавниот долг и БДП се движи во насока на постепено намалување и останува под психолошката граница од 60 %.
– Тврдењата дека задолжувањата денес се расипнички свесно го игнорираат фактот дека во 2025 и 2026 година достасуваат значајни обврски за отплата наследени од минатото. Разликата е што денес тие обврски се сервисираат одговорно, додека економијата бележи раст над 3,5 % – рече Јанкуловски.












