Европската ракометна федерација (ЕХФ) официјално ја потврди суспензијата на македонската судиска двојка Славе Николов – Ѓорѓи Начевски, кои во наредните две години нема да смеат да судат на натпревари под капата на оваа организација.
Претходно, на 10 јануари, ЕХФ ја повлече нивната номинација за Европското првенство во ракомет, по што беше поведена постапка што резултираше со дисциплинска санкција.
Како причина за суспензијата се наведува наводна манипулација со видеоматеријали поврзани со фитнес-тестот што го полагаат судиите.
Според официјалното образложение, по анализа спроведена од партнерот за интегритет „Спорт радар“, било утврдено дека било манипулирано со спорните видеа. Врз основа на тие наоди, првостепениот суд на ЕХФ донел одлука за санкции, која сега е потврдена и од апелационото тело.
Со конечната одлука, Николов и Начевски се суспендирани од сите активности во рамките на ЕХФ во период од две години, сметано од денот на првичната одлука, поради сериозно неспортско однесување.
Покрај суспензијата, двајцата судии се казнети и со по 5.000 евра, а имаат право на жалба пред Европскиот ракометен суд во рок од 21 ден.











