понеделник, јуни 22, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА ДВИЖЕЊЕТО ЗНАМ СО ПРАШАЊА ДО СДСМ – Стојчевски: Дали имало тајна средба...

ДВИЖЕЊЕТО ЗНАМ СО ПРАШАЊА ДО СДСМ – Стојчевски: Дали имало тајна средба за враќање на Груевски кој требал да формира нова партија?

445

СДСМ зборува за враќање на Никола Груевски, а го пушти да избега од одговорноста. Реториката што ја користат СДСМ и Венко Филипче не е повик за правда, туку обид да се избрише колективното паметење на граѓаните и да се наметне една нова, удобна „вистина“, изјави на денешната партиска прес-конференција пратеникот Даниел Стојчевски од Движењето ЗНАМ – За наша Македонија.

Од партијата потецнираат дека јавноста е сведок на уште еден обид за груба политичка манипулација од страна на СДСМ и прашуваат дали СДСМ има кредибилитет да зборува за правда.

-Дали тоа се истите оние структури кои во 2018 година, наместо да обезбедат функционирање на правната држава, овозможија сценарио за бегство на Никола Груевски? Дали тоа се истите политички актери кои, наместо институционална одговорност, избраа политички договори и калкулации? СДСМ и Венко Филипче ѝ должат одговор на јавноста – рече Стојчевски.

Од ЗНАМ нагласија дека СДСМ и Венко Филипче и должат одговор на јавноста.

-Дали е точно дека во вилата на Водно се одржала работна средба во периодот пред парламентарните избори во 2024 година, на која се разговарало за враќањето на Никола Груевски во државата под одредени услови, во замена за негова амнестија? Го прашуваме раководството на СДСМ, дали е вистина дека од Будимпешта до „Бихаќка“ бил испратен УСБ стик со измени на Кривичниот законик, конкретно на членот 353, со кои практично се овозможи општа амнестија за кривичните дела на Груевски, имајќи предвид дека токму преку тие измени и нивното укинување се создаде основа за самоамнестирање на тогашните функционери за сторениот криминал? Дали е точно дека во замена за својата амнестија Никола Груевски требаше да формира нова политичка партија со цел да се одземе гласови од ВМРО-ДПМНЕ? – потенцира Стојчевски.

Тој додаде дека Движењето ЗНАМ ќе продолжи да се бори за вистинска правна држава, држава во која нема недопирливи, нема привилегирани и нема заштитени.

Запрашан кој е неговиот коментар на шпекулациите дека ќе ја напушти пратеничката група како што тоа го направи пратеникот Миле Цеков, а со кој е близок, Стојчевски одговори:

-Тоа се шпекулации. Гледате зад кој пулт стојам. Јас сум актуелен претседател на општинската организација на Движењето ЗНАМ во Куманово, дел од пратеничката група на Движењето ЗНАМ и стојам денеска пред вас и самите можете да заклучите каде припаѓам. Ќе продолжам и во наредниот период да делувам во тој контекст – објасни Стојчевски. (Б.Ѓ.)

ИЗДВОЕНИ