четврток, август 13, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Дваесет и два километри треба да ја поврзат Македонија со Европа

Дваесет и два километри треба да ја поврзат Македонија со Европа

0

По повеќе од три децении најави и застој, железничкото поврзување на Македонија со Бугарија влегува во фаза на конкретна реализација, со обезбедена финансиска конструкција и со јасен план. Третата делница од Коридорот 8, од Крива Паланка до бугарската граница, е еден од најзначајните инфраструктурни проекти што треба да ја подобри регионалната транспортна поврзаност на земјата.

Делницата е долга 22 километри и претставува сериозен инженерски предизвик. Повеќе од 60 проценти од трасата ќе минува низ тунели, мостови и вијадукти. Предвидени се 21 тунел со вкупна должина од 7,8 километри и 52 моста и вијадукти со должина од околу пет километри. Пругата ќе биде електрифицирана и опремена со современи системи за сигнализација, телекомуникации и со далечинско управување.

Економското значење на проектот е многу пошироко од самата изградба. Со поврзувањето со Бугарија, Македонија ќе добие директен пристап до источниот дел на Коридорот 8, кој треба да ги поврзе Јадранското и Црното Море. Тоа отвора можности за побрз транспорт на стоки и на луѓе, полесен пристап до регионалните пазари и поголема интеграција во европските транспортни текови.

Особено значајно е што се планира проектот како дел од поширока регионална целина. Договорот со Бугарија за заедничка изградба на граничниот тунел и најавената модернизација на продолжението кон Софија создаваат услови железничката врска да биде функционална целина, а не инфраструктура што завршува на границата.

За третата делница се обезбедени 149 милиони евра грант преку Инвестициската рамка за Западен Балкан, како и кредити од по 175 милиони евра од Европската инвестициска банка и од Европската банка за обнова и развој. Паралелно се подготвува и заедничко барање со Бугарија за европски грант за граничниот тунел.

Во меѓувреме, се планира и продолжување на модернизацијата на Коридорот 8 кон запад, вклучително и модернизација и електрификација на делницата Скопје –Гостивар. За трасата Гостивар – Кичево – Струга – границата со Албанија останува потребата од внимателно усогласување со препораките на УНЕСКО, особено поради заштитата на Охридско-струшкиот Регион.

 

ИЗДВОЕНИ