Рекордно ниското ниво на водата на Дунав, освен што ги загрозува флората, фауната и пловидбата, па дури и се заканува со енергетска криза во Европа, ги открива и неговите долго криени тајни. Кога водата се повлече на најниското ниво досега, на површина излегоа работи кои досега не беа видливи со голо око.
Нискиот водостој на Дунав, каков што не паметат жителите на српското село Прахово, на границата со Романија, откри сцена што била скриена под површината повеќе од осум децении – дрвени палуби, метални конструкции и брод што многумина сè уште го нарекуваат „болнички брод“, со кој се поврзува приказна дека превезувал околу 1.600 ранети војници. Бродот бил намерно потонат во септември 1944 година, за време на повлекувањето на нацистите пред напредувањето на Црвената армија, кога нацистичка Германија се обидела да ја повлече својата дунавска и дел од црноморската флотила по Дунав. Кога станало јасно дека флотилата не може да помине, како што се раскажува, меѓу 160 и 220 германски воени и транспортни бродови биле намерно потопени во Ѓердапската клисура, во близина на Прахово, како дел од операцијата „Дунавски виленик“, за да не паднат во рацете на советските сили. Дел од нив денес сè уште се во коритото на Дунав.
Поради рекордно ниското ниво на водата на реката, кое, според мештаните, не е регистрирано од почетокот на минатиот век, некои бродови повторно излегоа на површина првпат по повеќе од 80 години, а до нив денес може да се стигне пеш низ коритото. Екипата на „Блиц“ забележала луѓе кои стојат на остатоците на еден од германските бродови. Тоа место што со децении беше длабоко под вода, сега е претворено во песочен брег од кој јасно се гледаат делови од поранешната флотила.
– Според километражата, ова е 862. километар. Ова е нашата страна, ова е островот Маре. Горе е „Ѓердап 2“, подолу е пристаништето Прахово. Ова е невидено чудо што се случува. Се наоѓаме на брод кој бил потонат за време на Втората светска војна. Кога германската флота се повлекувала од Црното Море, од Русија, поради доаѓањето на руската Црвена армија, потопени се многу бродови. Се претпоставува дека има од 160 до 220 бродови – вели за „Блиц“ Зоран Ловриќ од Неготин.
Една од најголемите мистерии на целиот локалитет е токму бродот за кој се верува дека служел како болница. До денес, нема дефинитивен одговор за тоа што точно се случувало во септември 1944 година. Според приказните што со децении се пренесуваат меѓу жителите на овој регион, на бродот имало околу 1.600 ранети. Оние што можеле да бидат евакуирани наводно биле префрлени со воз во Белград, но се претпоставува дека најтешко повредените никогаш не го напуштиле бродот.
– Се претпоставува дека имало околу 1.600 ранети, од кои многумина, кои можеле да бидат пренесени до превојот погоре, каде што е железницата, биле транспортирани во Белград и пошироко, а некои, оние во многу лоша состојба, најверојатно биле потонати заедно со бродовите. Акцијата траела некаде во септември 1944 година. Значи, до ден денес, ништо не е преземено – раскажува Ловриќ.
Токму затоа, ова место за многумина не е само историско. Под површината на Дунав, според мештаните, можеби и денес се кријат нераскажани човечки судбини. А остатоците не се само потсетник на војната. Дури и денес, тие не само што претставуваат сериозен проблем за навигацијата, туку и потенцијална опасност.
Од Капетанијата за речно бродарство изјавија: „Сите бродови што пловат, пловат на свој ризик. Утре може да се случи експлозија. Некои од овие бродови носеле мини и експлозиви, во големи количества. Таму имаше миночистачи. Мините се мини, можат да експлодираат во секој момент. Фактот што ние седиме на нив е на наш сопствен ризик“.
Оние што го виделе германскиот болнички брод откриле уште една тајна – дека дрвото е поиздржливо од металот. Дрвените делови на бродот останале цели, додека металните се распаднале.
Како што пишува РТС, во Дунав кај Прахово има 21 потонат брод, кои постепено се извлекуваат, со план работата да заврши до 2027 година, со што значително ќе се прошири водниот пат и ќе се забрза речниот сообраќај. До крајот на годинава треба да се извлечат уште седум.












