Државата издаде три нови емисии на обврзници во вкупна вредност од 2,523 милијарди денари, односно околу 41 милион евра. Обврзниците се издадени на 30 јули, а од 5 август се примени на официјалниот пазар на Македонската берза.
Најголемиот дел од задолжувањето, околу 39 милиони евра, е долгорочен и треба да се отплаќа до 2041 година. Најголемата емисија изнесува 2,024 милијарди денари, со фиксна годишна камата од 5,20 проценти, додека втората долгорочна емисија е во вредност од 376,76 милиони денари, со камата од 5 проценти.
Третата емисија е во вредност од 123,21 милион денари, со рок на отплата до 2029 година и камата од 4,35 проценти.
Според пресметките, новите обврзници ќе создаваат околу 129,4 милиони денари годишен каматен трошок, без вклучена отплата на главницата.
Од Министерството за финансии не е наведено за која намена ќе бидат искористени средствата, односно дали ќе служат за покривање на буџетски потреби, отплата на долгови или за финансирање проекти.
Новото задолжување доаѓа по информацијата дека јавниот долг на крајот од вториот квартал изнесувал 10,726 милијарди евра, односно 58,8 проценти од БДП. Паралелно со отплатата на старите обврски, државата продолжува да се финансира преку домашниот финансиски пазар.












