Драмскиот театар – Скопје со претставата „Животот на провинциските плејбоји по Втората светска војна или туѓото го сакаме – своето не го даваме“ во режија на Иван Пеновиќ, по текст на Душан Јовановиќ, вечерва и утревечер ќе учествува на 40. „Град театар“ во Будва, најголемиот сценско-музички фестивал во Црна Гора што се одржува од 30 јуни до 23 август. Претставите ќе бидат изведени во Стариот град на летната сцена „Помеѓу црквите“ со почеток во 21 часот.
Претставата „Плејбои…“ е четирипартитна копродукција на Драмски, Белградско драмско позориште, Местно гледалишче, Љубљана и продукцијата на „Град театар“- Будва. Во претставата играат актерите од четирите уметнички куќи од регионот: Лазар Христов, Јулита Кропец, Марко Гверо, Соња Стамболџиоска, Лазар Николиќ, Вукашин Јовановиќ, Нејц Језерник, Марјан Наумов и Јована Спасиќ. Покрај Иван Пеновиќ, авторскиот тим го сочинуваат и Соња Должан (превод), Лазе Трипков (сценограф), Александар Ношпал (костимограф), Владимир Пејковиќ (композитор) и Дамир Клемениќ (сценски движења).
Организаторите на јубилејниот фестивал „Град театар“ – Будва во 55 фестивалски денови подготвија повеќе од 68 изведби од драмската, музичката и ликовната уметност како и десетина литературни читања и претставувања на поети и уметници значајни за регионот, но и на оние кои се присутни на светската уметничка сцена.
„Клучниот столб на културниот идентитет на Будва е фактот што и по 40 сезони не се откажавме од идејата богатото историско и амбиентално наследство на градот да се стави во функција на уметноста и да се внесе нов живот во улиците на Стариот град“, вели Ивана Лазовиќ, в.д. директорката на „Град театар“.
Јубилејот се прославува во сезоната кога Будва за првпат беше домаќин на Самитот на Европската фестивалска асоцијација (ЕФА), на кој повеќе од 200 директори на фестивали од 44 земји разговараа за иднината на европската култура. За градот кој фестивалот го градел меѓу плоштадите, црквите и ѕидините на Стариот град, тоа претставува потврда дека некогашната летна сцена одамна ги прераснала рамките на локален настан и станала важна точка на европската културна мапа.
Инаку, освен на сцената во Будва, претставата „Плејбојите…“ по минатогодишната премиера, се играше 18 пати и тоа на летните фестивали во Охрид на „Охридско лето“ и на Бриони во Хрватска, а повеќекратни изведби минатата сезона беа организирани во рамките на сите изданија на регионалниот фестивал РУТА.
-Учеството на фестивалот „Град театар“ ̶ Будва за членовите на ансамблот, уметничкиот и техничкиот дел од тимот на Драмски е одлична можност достигнувањата на нашето уметничко и професионално творештво и специфичното културно наследство почесто да ги изведуваме на нови сцени и пред нова публика, велат од Драмски.












