Македонските граѓани што планираат да патуваат во земјите од Европската Унија, најверојатно, нема да мора да плаќаат по 20 евра за електронска дозвола за патување од крајот на оваа година. Според „Фајненшл тајмс“, Европската Унија размислува да го одложи воведувањето на системот ETIAS до 2027 година, поради проблеми со спроведувањето на биометрискиот систем за гранична контрола (EES).
Иако на официјалната интернет-страница на ETIAS сè уште стои дека системот треба да почне да функционира во последниот квартал од 2026 година, агенцијата EU-LISA, задолжена за неговото спроведување, признава дека веќе не е тоа реална временска рамка. Според извори запознаени со разговорите, сè уште постојат технички проблеми, а приоритет е најпрво целосно да се оспособи системот EES.
– Најпрво треба да се решат проблемите со EES, а потоа да се воведува нов систем, кој би можел дополнително да го зголеми метежот на границите – изјавил извор за „Фајненшл тајмс“.
Дури и по официјалното воведување на ETIAS, се очекува преоден период од најмалку шест месеци. Во тој период патниците ќе бидат повикани да аплицираат за електронско овластување, но нема автоматски да им биде одбиен влез доколку сè уште немаат дозвола и ги исполнуваат другите услови за влез.
Кога ќе стане системот задолжителен, патниците од земјите на кои не им е потребна виза за влез во ЕУ, меѓу кои е и Македонија, ќе треба однапред да пополнат електронска апликација, да платат такса од 20 евра и да поминат безбедносни проверки. Одобрението ќе биде електронски поврзано со пасошот и ќе важи три години или до истекот на пасошот.
Таксата нема да се наплаќа за лица помлади од 18 и постари од 70 години, но и тие ќе мора да поднесат електронска апликација.
ETIAS ќе важи за влез во 30 европски земји – сите членки на ЕУ, освен Ирска, како и Исланд, Норвешка, Лихтенштајн и Швајцарија. До официјалното стапување во сила на системот, македонските граѓани што патуваат во ЕУ треба да ги следат известувањата на надлежните европски институции за да бидат навреме информирани кога ќе почне обврската за електронска авторизација на патувањето.












